Истенчената граница меѓу реалност и фикција: парасоцијалните врски како дел од секојдневието

Парасоцијалните односи се карактеризираат сo чувство на поврзаност или интимност помеѓу гледачот и личноста на восхит и покрај отсуството на вистинска интерперсонална интеракција

ekran
Jeffreywang23, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Во денешната развиена дигитална ера, човечките интеракции се проширени надвор и од физичките граници. Токму тоа го покажуваат парасоцијалните врски, каде поединци развиваат еднострани врски со фиктивни или вистински личности, кои не се свесни за постоењето на личноста која ја формира врската. Парасоцијалните односи се карактеризираат сo чувство на поврзаност или интимност помеѓу гледачот и личноста на восхит и покрај отсуството на вистинска интерперсонална интеракција.

Иако ваквите врски не се нова појава, честото присуство на вакви врски денес главно се должи на постојаниот прилив и достапност на содржини за познати личности, инфлуенсери па и фиктивни ликови. Можноста за коментирање и интеракција со фанови на истите фигури креира илузија на единство и поврзаност, а медиумски фигури кои се претставуваат како пријателски или автентични и споделуваат заеднички интереси со публиката, можат длабоко да резонираат со луѓето поттикнувајќи чувство на сродство. Кога екраните се претворени во прозорци кон светот, не е изненадувачки што се формираат врски со личности кои ги гледаме низ нив, а траат со недели, месеци па и години.

Формирање на парасоцијални врски

Ана Попризова како училишен психолог и Гешталт терапевт, вели дека исто како и врските во реалноста, парасоцијалните односи започнуваат кога некој ќе се запознае со медиумска личност. Парасоцијалната интеракција може да започне кога се гледа некое популарно ТВ-шоу или филм, кога се следат социјалните мрежи или при дури интеракции со медиумските личности на интернет или во реалниот живот.

„Нашиот мозок никогаш не еволуирал за да прави разлика помеѓу луѓето што ги гледаме и слушаме преку медиумите и оние што ги гледаме и слушаме во нашите реални животи. Затоа, ние ги обработуваме и одговараме на овие интеракции на сличен начин, што доведува до парасоцијални феномени во сите негови форми”, вели Попризова.

Таа исто така вели дека иако луѓето се свесни за нереалноста на нивниот однос со медиумски лица, сепак, истото не ги спречува да реагираат како да се.

Третманот на медиумски личности како реални се манифестира преку појава на емпатија кон медиумската личност и тагата што поединци ја чувствуваат по прекинување на врската. Интересно е што според Ана Попризова, во денешно време социјалните медиуми ја менуваат природата на парасоцијалните односи.

„Од особен интерес е дали можноста за директна комуникација и евентуално контактирање од страна на медиумска личност на интернет може да ги направи парасоцијалните односи посоцијални”, објаснува таа.

За пример, доколку некој обожавател по пораки разговара со својот омилен актер или спортист на социјална мрежа, врската може да добие социјална димензија.

Позитивни и негативни страни на ваквите односи

„Сами по себе парасоцијалните односи немаат позитивен или негативен предзнак”, вели Попризова.

Некои може да бидат позитивни и се темелат на учење, усвојување на нови вештини и знаења, чувство на припадност, зголемување на самодовербата, намалување на осаменоста и охрабрување за носење сопствени избори преку идентификација со медиумската личност. Од друга страна, негативни може да бидат доколку личноста развива романтична парасоцијална врска и со тоа инвестира енергија и емоции во однос кој не е реален. Постојаното присуство и достапни содржини за медиумски ѕвезди може да развие и однос на зависност и опсесија со експонираната личност.

Од ова може да се заклучи дека ефектот од парасоцијалните врски зависи во главно од индивидуата која ја формира врската и како ќе ја толкува истата.

Влијание кај младите

„Истражувачите кои се занимаваат со оваа проблематика истражиле, дека постењето на парасоцијална врска со медиумска личност може да влијае на политичките ставови, навиките и одлуките за купување на производи и довербата во различни групи на луѓе (како што се научници или политичари)”, тврди психологот.

Дополнува дека поради тоа социјалните медиуми може да бидат мета на моќни групации кои преку промовирање од стана на медиумски ѕвезди може да остваруваат различни влијанија.

Но, и покрај вакви недостатоци, за една млада личност парасоцијалните врски може да имаат позитивно влијание како кај интровертните личности кои формираат парасоцијални врски заради тоа што ризикот од отфлање е мал, и форматот на комуникација е полесен и побезбеден за нив.

Во дискусии на ова тема, често се разговара и за опасност од губење на индивидуалност кај младите. Ана за тоа коментира дека прашањето за загрозеност на индивидуалноста повеќе зависи од тоа дали една личност е посугестибилна, односно повеќе зависи од структурата на личноста, па помалку го поврзува тоа со возраста. Сепак, дава препорака до родителите на деца пред пубертет да следат со кого комуницира и се поврзува нивното дете на социјални мрежи.

„Тие се сè уште во фаза на градење на свои вредности, ставови, карактерни особини и со тоа повеќе подложни на влијанија. И на нашиве простори имаше неколку случаи на незгоди, дури и со смртни последици заради влијанија од предизвици или јутјубери кои се креатори на јавното мислење на младите денес”, објаснува Попризова.

Додека се движиме низ дигитален свет кој непрекинато се менува, значајно е кон парасоцијалните врски да се пристапи со ограниченост и селективно бирање на влијанија врз нашите животи. Границата меѓу ралноста и фикција е истенчена преку ваквите односи и иако се сметаат за нормални и честопати носат чувство на припадност, како човечки суштества реалните контакти се оние што примарно нè поврзуваат и исполнуваат.