Пописот во Македонија ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2020 година, а за лицата со македонско државјанство кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи самопопишување во периодот од 15 март до 31 март 2020 година на посебна апликација достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика, превидува предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија, 2020 година објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Во законот се воведуваат многу новини по кои пописот во 2020 година ќе се разликува од сите досегашни пописи.

Прв пат ќе има таканаречен комбиниран попис во кој ќе се користат податоци од административни збирки на податоци на повеќе институции и ќе се врши истовремено попишување на терен како поддршка на попишувачите.  Исто така, прв пат во земјава пописот ќе се спроведе со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите за заштита на личните податоци.

Ќе се попишуваат државјани на Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без оглед на тоа дали во моментот на пописот се наоѓаат во Македонија или во странство, странски државјани кои се присутни во Македонија со одобрение за престој и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на пописот се затекнати во државата.

Во предлог-законот се предвидува за лицата што ќе бидат опфатени со пописот да се обезбедат податоци за географски карактеристики, демографски карактеристики, економски карактеристики, образовни карактеристики, миграциски карактеристики, културолошки карактеристики и инвалидитет/функционална попреченост.  Новина во законското решение е што нема прашање за етничка и за верска припадност.

„Податокот за етничка припадност нема никаква употребна вредност, туку само се злоупотребува за политички цели и поради тоа стојам на ставот дека тој не треба да биде дел од пописот“, рече директорот на ДЗС, Апостол Симовски на неодамнешниот брифинг со новинарите.

Во предлог-законот пишува дека апликацијата со која ќе се врши попишувањето ќе биде изготвена на седум јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки,  српски и бошњачки. Вкупно потребните средства за организирање, подготовка и спроведување на пописот ќе изнесуваат 522.751.000 денари.