Ненајавена посета на две градилишта во општина Кисела Вода денеска имале министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска, заедно со тим инспектори. Целта на нивното излегување на терен за време на забраната за работа на отворено била да увидат дали се почитуваат мерките поради портокаловата фаза.
Како што информираа од Министерството за труд и социјална политика, на локациите во Кисела Вода било констатирано изведување на градежни работи – нискоградба, асфалтирање на улица во период кога работата на отворено е забранета.
Кај работодавецот АД Гранит, група на работници асфалтирале улица, а дел од нив биле и на возраст над 60 години. За утврдените неправилности, изречена била усна забрана за вршење на дејност во периодот од 11 до 17 часот која ќе се потврди и со писмено решение.
Тренчевска и инспекторите од ДИТ посетиле и градилиште каде градежните работи ги изведува ДООЕЛ Трим и Лум, при што било констатирано почитување на мерките во однос на топлотниот бран, но инспекторите нотирале дека градилиштето е необезбедено за безбедна работа и дека ќе биде предмет на повторен инспекциски надзор.
На второто градилиште – Станбено деловен објект каде инвеститор и главен изведувач е работодавецот „Дабар ДООЕЛ“ – Скопје било констатирано непочитување на мерките за безбедност и здравје при работа од аспект на необезбедена колективна заштита на работниот простор за што била издадена инспекциска мерка – решение забрана за вршење на работа во небезбедниот простор.
Од страна на инспекторите кај работодавецот Феромонтинг ДООЕЛ Скопје изречена била усна забрана за необезбеден пристап до работните места.
Покрај ова, кај работодавецот ДООЕЛ АС МОНТ затекнати биле и работници кои се без регулиран работен однос, согласно законските одредби, за што ќе биде изречена инспекциска мерка наредба работодавецот за затекнатите лица да заснова работен однос ,односно да склучи договори за вработување и да ги пријави во задолжително социјално осигурување.
Министерката Тренчевска истакна дека здравјето и добросостојбата на работниците за Министерството за труд и социјална политика е на прво место и дека тоа е причината што министерката одлучила да биде на терен денеска. Според неа, мерките што ги носи Владата се за доброто на граѓаните и истите треба да се почитуваат.