fbpx

Информацијата за редок несакан ефект (миокардитис) од ковид вакцините е јавно достапна информација

Во постот се прави обид информацијата за постоење на редок несакан ефект на миокардитис и перикардитис после примањето на ковид вакцината на „Фајзер“, да се претстави како некаква добро чувана тајна, па уште и се прикажува како нешто што фармацевтскиот гигант го знаел, а не го споделил со јавноста, што не е вистина

-

Во постот се прави обид информацијата за постоење на редок несакан ефект на миокардитис и перикардитис после примањето на ковид вакцината на „Фајзер“, да се претстави како некаква добро чувана тајна, па уште и се прикажува како нешто што фармацевтскиот гигант го знаел, а не го споделил со јавноста. Но, тоа не е вистина. Се работи за јавно позната информација, којашто е достапна уште пред да биде изработен документот споделен во постот кој го рецензираме, пишува Вистиномер во својата анализа.

 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

ЗЛОСТОРСТВА ПРОТИВ ЧОВЕШТВОТО.
ФАЈЗЕР знаеле дека експерименталната инјекција предизвикува миокардитис. 
ЗОШТО НЕ БЕШЕ СТОПИРАНА?
Потоа се споделуваат неколку страници од документ на Фајзер со датум 11 февруари 2022. Во еден од нив пишува дека од април 2021 зголемен број на случаи на миокардитис и перикардитис се пријавени во САД по вакцинација со вакцини на „Фајзер“ и „Модерна“, посебно кај адолесценти. Случаите се претежно кај адолесценти над 16 години од машки пол, неколку дена по вакцинацијата и се почести по втората примена доза.
Европската Агенција за лекови (ЕМА) уште на 11 јуни 2021 година, има јавно информирано дека нејзиниот безбедносен комитет продолжува да разгледува извештаи на миокардитис и перикадитис кај мал број на луѓе коишто ги добиле по вакцинацијата против ковид-19. Така што, тоа што Фајзер го знаеле и е презентирано во документите од постот, го знае и пошироката јавност.

Набљудувањето почна во април откако случаи на миокардитис беа пријавени по вакцинацијата со Комирнати (вакцината на Фајзер н.з) во Израел. Најголемиот дел од овие случаи беа благи и решени за неколку денови. Тие главно афектираа мажи помлади од 30 години со симптоми кои најчесто почнуваа неколку дена по втората примена доза, пишува во официјалното соопштение на ЕМА од 11 јуни 2021.

Миокардитис и перикардитис се воспалителни болести на срцето кои може да се случат после инфекција или имунолошки болести. Зависно од изворот, инциденцата на миокардитис и перикардитис е еден до десет случаи на сто илјади луѓе годишно. Симптомите на миокардитис и перикардитис може да се разликуваат, но честопати вклучуваат краток здив, силно срцебиење и болка во градите. Симптомите вообичаено се подобруваат сами од себе или со третман.

Исто така, уште на 11 јуни 2021 сите здравствени работници беа охрабрени од ЕМА да пријавуваат случаи на миокардитис и перикардитис и други несакани ефекти. На пациентите кои имаат симптоми како недостиг на здив, силно срцебиење и болка во градите им беше препорачано да одат на доктор.

ЕМА работи со медицински тела вклучително и она во Израел. Штом имаме нови податоци ќе ги објавиме, пишуваат оттаму на 11 јуни 2021.

И Центарот за контрола и превенција на болести на САД има објавено дека прима и разгледува пријави за ретки случаи на миокардитис и перикардитис после вакцинација со вакцината на Фајзер против ковид-19.

Но, и покрај пријавите Центарот за контрола и превенција на болести препорачува сите со возраст над 6 месеци да се вакцинираат против ковид-19.

Познатите ризици од ковид-19 и можните компликации после болеста, како долготрајни здравствени проблеми, хоспитализација и дури и смрт, се посилни и ги надминуваат потенцијалните ризици од примање вакцина со редок несакан ефект после неа, вклучително и ризикот од миокардитис и перикардитис. Ако веќе ја имате примено првата доза од „Фајзер“ или вакцината на „Модерна“, или ако вашето дете ја примило првата доза на вакцината на „Фајзер“, важно е да примат и втора доза, овен ако докторот не ви препорача поинаку,пишува на страницата на Центарот за контрола и превенција на болести на САД.

На сајтот на владата на Австралија е наведено дека не сите случаи на миокардитис и перикардитис после вакцината се поврзани со неа, но постои каузална врска во ретки случаи, односно миокардитис и перикардитис се ретки несакани ефекти на вакцината против ковид-19. Сепак, постојат и случаи кога миокардитисот и перикардитисот се појавуваат како резултат на самата инфекција со ковид-19 болеста.

Бенефитите од вакцината во заштитата против ковид-19 се далеку поголеми од ризиците од ретки несакани ефекти. Лицата постари од 6 месеци може да се вакцинираат против ковид-19 ако немаат никакви контраиндикации. За време на разговорот кога добивате дозвола за вакцинација, информирајте ги луѓето дека има редок ризик од миокардитис и перикардитис и на кои симптоми да внимаваат. Ризикот од миокардитис е повисок иако многу редок, по вакцинација со оригиналната формула на „Модерна“ отколку со оригиналната формула на „Фајзер“. Се проценува дека има 2 случаи повеќе на 100 илјади втори дози кај лица помлади од 40 години, коишто ја примиле вакцината на „Модерна“, споредено со онаа на „Фајзер“ (оригинална формулација). Најголемиот дел од случаи на миокардитис и перикардитис поврзани со вакцинацијата против ковид-19, се благи и пациентите брзо имаат закрепнато.  Ризикот е многу помал кај деца од 5 до 11 години споредено со адолесцентите, пишува на сајтот за вакцинација во Австралија.

Дури и во самиот доверлив извештај на „Фајзер“, кој е објавен во постот што го рецензираме, пишува дека Центарот за контрола и превенција на болести ги разгледува пријавите за миокардитис и перикардитис во САД и дека се прави евалуација на случаите. Тоа не е ништо чудно, со оглед на тоа што информацијата објавена во постот, дека Фајзер знаеле дека нивните вакцини против ковид-19 предизвикуваат миокардитис и перикардитис, е јавно достапна.  Но, тој несакан ефект е редок. И ова го знае не само Фајзер, туку и целата јавност.

И во Велика Британија се примаат извештаи за несакани ефекти на миокардитис и перикардитис и се анализираат од владино тело. Исто така, обновен е и летокот за упатствата за користење на вакцината, така што на самото упатство на Фајзер, здравствените работници и пациентите се информираат дека редок несакан ефект се миокардитис и перикардитис. Пријавите за миокардитис и перикардитис се многу ретки, а пациентите вообичаено закрепнуваат за кратко време со одмор и стандарден третман.

Според Светската здравствена организација, до јуни 2021 година на милион администрирани дози, во ВАЕРС системот за пријавување на несакани ефекти од вакцините пријавени се 40 случаи на миокардитис кај мажи и 4 случаи кај жени.

Во постот се прави обид информацијата за постоење редок несакан ефект на миокардитис и перикардитис, после примањето ковид вакцина на „Фајзер“, да се претстави како некаква добро чувана тајна, па уште и се прикажува како нешто што фармацевтскиот гигант го знаел, а не го споделил со јавноста. Но, тоа не е вистина. Се работи за јавно позната информација, којашто е достапна уште пред да биде изработен документот споделен во постот кој го рецензираме. Документот датира од 11 февруари 2022 година, а информации за миокардитис и перикардитис ЕМА објави на 11 јуни 2021 година. Исто така, во јуни 2021 година ФДА ги има додадено миокардитисот и перикардитисот како ретки несакани ефекти во самото упатство кое доаѓа со вакцината и јавноста беше редовно известувана за следењето на пријавите. Сепак, причината поради која вакцината на „Фајзер“ остана во употреба и покрај сознанијата за каузална врска со појавата на миокардитис и перикардитис е што случаите беа ретки, а ризиците од ковид-19 поголеми, отколку ризиците од вакцината. Исто така, најголемиот дел од пријавите завршуваа со позитивен исход односно пациентите зекрепнуваа брзо и за неколку дена.

Поради сите горенаведени факти, сметаме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патоказот со ФИРОМ во Грција не е поставен сега, туку постои барем две години

Вакви патокази во Грција постојат барем две години, а некои и од пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Поранешниот премиер Зоран Заев за грчките медиуми уште лани изрази очекување дека...