Фото: Mehrad Vosoughi on Unsplash

Индексот на трошоците на животот во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи зголемување од 2,1 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 2,6 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Споредено со февруари 2021, индексот на трошоците на животот во март 2021 година, изнесувал 100.5, додека индексот на цените на мало изнесувал 100.6.

Во однос на цените на мало, статистичките податоци покажуваат дека за една година кај храната најмногу поскапела категоријата „масло и масти“ од дури 14 отсто во март 2021 споредено со идентичниот месец лани. Зејтинот и другите продукти во оваа категорија се поскапени за 3,5 отсто во споредба и со февруари 2021 година. Генерално земено, производите во категоријата „храна и безалкохолни пијалоци“ во март годинава се поскапи за 1,7 отсто во споредба со лани.

Во споредба со март минатата година, за 5,4 отсто годинава е поскапен и тутунот, што доведува и до целосно зголемување на категоријата „алкохолни пијалоци, тутун и наркотици“ за 4,3 отсто во март годинава. Сепак, во делот на алкохолот, во март 2021 позначително поскапување во споредба со лани имало само кај пивото за 2,2 отсто и виното за 2,4 отсто.

Кај облека и обувки, во март 2021 во споредба со истиот месец од 2020 година е забележано намалување на цените на мало за 1,1 отсто, додека цените на маало во „домување, вода, електрика, гас и други горива“ бележат раст од 4,5 отсто, најмногу поради поскапувањето на струјата и гасот. Поскапување од 2,3 отсто се бележи во транспортот, како и за 2,5 отсто на цените на мало во категоријата „здравје“.

Во период од една година, мебелот, покуќнината и редовното одржување на домаќинствата поскапеле за 1,5 отсто, рекреација и култура за 1,7 отсто, додека позначително зголемување од 5,2 отсто во март 2021 се бележи и кај рестораните и хотелите, што се должи на зголемувањето од дури 26,3 отсто кај цените на мало на услугите за сместување во однос на лани.