Фото: Polina Tankilevitch from Pexels

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 15 до 21 март 2021, тестирани се вкупно 24.517 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 8,4 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.899 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 26,4 отсто во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (49,9 отсто), највисока неделна инциденца од 899,1/100.000 е регистрирана во Неготино, заедно со Демир Капија.

„Процентот на позитивност се движи од 23,4 до 32,3 отсто, просечно 27,9 отсто, три отсто повеќе во споредба со минатата недела.Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (25,7 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (18,9 отсто), 40-49 (18,4 отсто), 50-59 (17,5 отсто) и 20-29 (12,5 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (2,1 отсто) и 10-19 години (4,8 отсто). Најголемо процентуално зголемување во однос на претходната недела е забележано кај возрасните групи од 10-19 (33,1 отсто), 50-59 (32,1 отсто) и 40-49 (30,2 отсто),“ се вели во соопштението од ИЈЗ.

Пријавени се 158 смртни случаи од 27 градови, 22,5 отсто повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лицa биле над 60 години, 19 лица на возраст од 50-59 години, три лица од возрасната група 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години.

Заклучно со вчера вкупно се вакцинирани 6.704 здравствени работници со прва доза (4.002-Фајзер/Бионтек и 2.702-Спутник V) и 2.572 (Фајзер/Бионтек) со втора доза на вакцина против ковид-19.