Фото: Арбнора Мемети

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во периодот од 15 до 21 февруари годинава, тестирани се вкупно 15.849 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, односно новиот корона вирус. Притоа, регистрирано е намалување од 2,8 отсто на бројот на тестови во однос на седмицата пред тоа.

Во однос на позитивните наоди, пак, бројките оделе нагоре, односно во периодот од 15 до 21 февруари годинава биле регистрирани вкупно 2.320 нови позитивни случаи од 33 градови во земјава, што, пак е зголемување од 3,9 отсто во однос седмицата пред тоа. Највисоката инциденца е забележана во Кавадарци и Неготино.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, односно 1.007 случаи, што е 43,4 отсто од вкупната бројка за претходната седмица, а највисоката инциденца, односно број на случаи на 100.000 жители, е регистрирана на подрачјето на Центар за јавно здравје – Кавадарци, односно 412,8 случаи. На второто место е Неготино со 409 случаи на 100.000 жители.

Процентот на позитивност се движи од 11,8 до 16,3 отсто, односно, просечно 14,7 отсто, што е на исто ниво како седмицата пред тоа.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, со 575 случаи, односно 24,8 отсто од вкупната бројка). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=445; 19,2 отсто), 40-49 (n=442; 19,1 отсто), 50-59 (n=413; 17,8 отсто) и 20-29 (n=300; 12,9 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=38; 1,6 отсто) и 10-19 години (n=107; 4,6 отсто).

Притоа, во погореспоменатиот период, со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 1.760 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 30,1 отсто помалку во споредба со минатата недела.

Во истиот период, пријавени се 70 смртни случаи од 13 градови, со зголемување од 62,8 отсто во однос на неделата пред тоа.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со ковид-19 за периодот од 15 до 21 февруари 2021, како и кумулативната состојба со ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.