fbpx

ИДСЦС со оптимистичко и песимистичко сценарио до 2030 година за развојот на корупцијата

Во оптимистичкото сценарио се предвидува во 2030 година, Северна Македонија дека ќе е во поодмината фаза на пристапни преговори со Европската Унија. Во песимисточкото, пак, војната во Украина продолжува, а за земјите од регионот, Отворен Балкан станува доминантен процес на економска интеграција

-

Институтот за демократија (ИДСЦС) на денешната тркалезна маса презентираше анализа насловена „Антикорупција 2030: Сегашни и идни антикорупциски предизвици”, каде што беа презентирани две можни сценарија по кои би се развивала корупцијата и борбата против корупцијата до 2030 година, но и препораки како институциите да се справат со идните предизвици.

Во дел од првото, поволно сценарио се предвидува:

СЦЕНАРИО 1: По завршување на војната во Украина, Европа е на патот на закрепнување. И покрај започнатото подобрување на односите со Русија, земјите членки на ЕУ градат консензус дека нејзиното влијание треба да се намали и посериозно го сфаќаат потенцијалот за нејзино мешање во Западниот Балкан. Кон крајот на 2023 година Европската Унија го враќа кредибилитетот на процесот на проширување објавувајќи појасен пат за пристапување. Тоа им дава поттик на повеќето земји од Западен Балкан. Седум години подоцна, во 2030 година, Северна Македонија е во поодмината фаза на пристапни преговори со Европската Унија. На слично ниво е и Албанија. Косово и Босна и Херцеговина напредуваат во своето приближување кон ЕУ, но се на почетокот.

Второто, неповолно сценарио, пак, е следното:

СЦЕНАРИО 2: Војната на Русија во Украина е трансформирана во продолжена нестабилност со повремено засилување на воени судири. Местоположбата на конфликтот – на периферијата на Европа овозможува олеснета недозволена трговија со оружје што дополнително ги збогатува и засилува регионалните мрежи на организиран криминал кои оперираат и на Балканот. Фокусот на членките на ЕУ и НАТО да се спречат хибридните закани врз стабилноста на Западниот Балкан предизвикува засилен фокус кон политики за безбедност и стабилизација. Стратегијата да се удоволат и смират структурите на власт во ЗБ кои може да предизвикаат конфликти негативно влијае на реформските потенцијали во регионот. Во услови на забавени европски амбиции, Отворен Балкан станува доминантен процес на регионална економска интеграција. Ова носи ризик од нови форми на измама, во смисла на шверц и даночно затајување кои институциите тешко ги санкционираат поради недоволниот интерес за инвестиции во реформи.

Претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски вели дека врз основа на анализата со две сценарија во кои би се наоѓала нашата земја во наредните седум години, треба да се градат, менуваат и дополнуваат идните стратешки планови.

„Ваквите документи, не ја предвидуваат иднината туку предвидуваат во какви можни контексти би се наоѓала нашата земја кои што ќе имаат импликација врз спроведувањето на стратегиите, конкретно за антикорупција. Ова што сега го правиме треба да биде дел од планирањето на голем број на институции кога ги планираат своите идни активности и политики за да бидат подобро спроведливи како и навремено да планираат ресурси за подобра имплементација на тие политики“, рече Трошановски.

Миша Поповиќ, раководител на Центарот  за добро управување при Институт за демократија рече дека целта на форстајт анализата е да се поттикне размислување за идни состојби, кои можеби денес само се наѕираат, но можат да бидат значајни во блиска иднина.

„Бидејќи иднината е непредвидлива, сакаме да работиме со она што е познато или веројатно. Резултатот е дека неретко остануваме затекнати од нови начини на кои корупцијата може да се појави и да направи штета. Но, задача на оние што носат одлуки е да размислуваат и за непредвидливото, она што е можно, без разлика дали можеме да кажеме дека е веројатно“, додаде тој.

Анализата содржи препораки во однос на намалувањето на корупцијата, кои подразбираат, како што се вели, спроведување квалитетни постапки за испитување на потеклото на имот на носителите на јавни функции, квалитетно спроведени финансиски истраги за утврдување прикриен приход стекнат како резултат на кривични дела најчесто поврзани со „висока корупција“, и спроведување проширена конфискација.

Понатаму, со зголемување на транспарентноста на податоците и дигиталната трансформација, стои во анализата, корупцијата би се фокусирала во области и на нивоа каде што сè уште одлуките се носат од луѓе.

„Ова подразбира дека значајната корупција како што е и сега, ќе зависи од политички одлуки донесени на високо ниво, како одлуки за концесии, јавно-приватни партнерства, државна и меѓународна помош и обезбедување економски привилегии за посакувани бизниси преку креирање и измена на закони“, се вели во анализата.

Централна одговорност за ова, како што пишува, имаат Владата и Собранието. Владата да изнајде начин да го напушти именувањето врз основа на партиска припадност и да овозможи квалитетен процес на формулирање на идни антикорупциски цели и политики, додека должност на Собранието да ги штити институциите, овозможувајќи им ресурси и квалитетни закони по кои тие треба да постапуваат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...