fbpx

ХПВ вакцините се безбедни, не содржат опасни дози на алуминиум

Вакцината против ХПВ која се администрира во Македонија е тестирана и одобрена од Агенцијата за храна и лекови на САД. Таа е препорачана од медицински и лекарски здруженија во над 120 земји. Како што пишува на официјалната веб-страница на Министерството за здравство, вакцината не содржи вирусна ДНА, што значи дека не може да предизвика ХПВ инфекција или болест

-

Вакцината против ХПВ е тестирана, безбедна, ефикасна, со поволен безбедносен профил и се препорачува од страна на СЗО во редовниот имунолошки календар. Овие вакцини содржат алуминиум, ама не во опасни дози. Количеството на алуминиум во ХПВ вакцината Гардасил е контролирано од страна на американската Агенција за храна и лекови, која има утврдено дека станува збор за незначително количество кое не може да предизвика штети по човековото здравје. За споредба, бебе кое се храни со бебешка формула, во првите 6 месеци прима повеќе алуминиум отколку што има во 1 доза вакцина. Алуминиумот како помошно средство се користи со децении наназад, а студиите кои се спроведени врз животни не се индикација дека ХПВ вакцините се штетни за луѓето, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Неоспорно токсични состојки во вакцините за ХПВ.

Зарем уште молк?

Ало струка?

Од Јухонг Донг

11 октомври 2023 година 

Ажурирано:

15 ноември 2023 година

Во серијата ,,Вакцини за ХПВ меч со две острици” ќе обезбедиме документирани докази за смрт и тешки повреди поврзани со Гардасил, ќе ја анализираме основната причина за неговата штета и ќе понудиме решенија.

Кога алуминиумот се инјектира во нашите мускули во формулацијата на вакцината, тој се апсорбира речиси 100 проценти. Потоа патува и ја преминува крвно мозочната бариера и се акумулира во нашиот мозок и другите органи.

Алуминиумот е добро познат убиец на клетки. Создава штетни молекули наречени реактивни кислородни видови, го доведува во заблуда имунолошкиот систем да стане премногу реактивен кон компонентите на нашето тело, го оштетува синџирот на снабдување со енергија и е токсичен за нашето ДНК.

Исто така е наведено дека алуминиумот е особено штетен за мозокот и нервите бидејќи игра улога во згрутчување на штетни материи во мозокот, доведува до смрт на заштитните клетки околу мозокот што резултира со поголема ранливост на штетни материи. Се посочува дека „ова контроверзно соединение (алуминиум н.з) сè уште се користи како помошно средство во вакцините“. Потоа се кажува дека Кристофер Ексли, англиски професор по биоорганска хемија, е еден од најпознатите и најпознатите цитирани алуминиумски истражувачи во светот, со над 200 рецензирани научни трудови објавени на алуминиум и над 12.000 цитати. Неговото 35 годишно истражување покажало силна врска меѓу изложеноста на алуминиум и болести како Алцхајмерова болест, аутизам, мултиплекс склероза и Паркинсонова болест, а дека  пациентите со бубрежна инсуфициенција дијализирани развиле енцефалитис поврзан со прекумерно натрупување на алуминиум во мозокот.

Оние кои починале имале 10 пати повисоко ниво на алуминиум во сивата материја, што довело до фатални заболувања на мозокот во 30 до 50 проценти од случаите. Нивните мозочни симптоми беа во корелација со нивото на алуминиум во крвта, вклучително и проблеми со говорот, координацијата, сознанието и фаталните напади, пишува во објавата.

Потоа се додава дека сè почнало со студија на вакцинирани овци која го идентификувала проблемот.

Д-р Луис Лујан, вонреден професор по ветеринарна патологија на Универзитетот во Сарагоса во Шпанија, спроведе студија за овци за да ја утврди причината за необичните болести.
Вкупно 21 овца беа поделени во три групи (црвена, жолта и зелена) со по седум во секоја група како што следува:
1. Црвената група прими комерцијални вакцини за овци кои содржат алуминиум хидроксид.
2. Жолтата група доби еквивалентна доза на алуминиум растворен во вода (Alhydrogel®, помошно средство на база на алуминиум).
3. На зелената група и беше администриран неутрален раствор на солена вода.
Изненадувачки, и животните од црвената и жолтата група станаа значително поагресивни и покажаа повеќе стереотипи и поголем стрес.

Вакцината против ХПВ која се администрира во Македонија е тестирана и одобрена од Агенцијата за храна и лекови на САД. Таа е препорачана од медицински и лекарски здруженија во над 120 земји. Како што пишува на официјалната веб-страница на Министерството за здравство, вакцината не содржи вирусна ДНА, што значи дека не може да предизвика ХПВ инфекција или болест. Вакцината е со потврдена ефикасност, имуногеност и со исклучително добар профил на подносливост и безопасност. Несаканите реакции доколку се појават се болка, оток, црвенило, чешање на местото на апликација, лесно покачена температура, гадење и вртоглавица. Тие реакции се минливи и се губат за кратко време. (сите овие податоци може да се прочитаат на следниот линк во ПДФ документот кој е линкуван)

Вакцината содржи алуминиум, но не во нивоа коишто експертите ги сметаат за штетни и вакцината е континуирано следена за нејзината безбедност, пишуваат проверувачите на факти на „Франс Прес“.

Исклучителниот обем на научни докази кои вклучуваат повеќе од 20 години истражување и развој, продолжуваат да го поддржуваат профилот на безбедност и ефикасност на нашите ХПВ вакцини, изјави за Франс Прес  од компанијата „Мерк“ која ја произведува вакцината.

Центарот за контрола и превенција на болести на својата веб-страница објави дека студија од 2019 година објавена во журналот „Педијатрија“, не идентификувала неочекувани безбедносни грижи поврзани со Гардасил (вакцината спомената во објавата што ја рецензираме). Според нив, најчестиот несакан ефект е болка, оток и црвенило во пределот на раката каде што дозата е администрирана. Гардасил не се препорачува за оние кои се алергични на квасец или кои претходно имале алергиски реакции на вакцини, но алергиски реакции се можни после која било вакцина.

Според Агенцијата за храна и лекови на САД, во вакцината на „Мерк“ има алуминиум хидроксифосфат сулфат.

Но, да се нарече количината на оваа состојка во една единечна доза ХПВ вакцина „токсична“ е невистина. Соединението се користи како помошно средство (хемиски додаток), состојка која што може да предизвика посилен имунолошки одговор. Вакцините во САД содржат помошни средства на алуминиум шест децении и федералните регулативи покажуваат дека тие се безбедни ако дозата е помала од 1,25 милиграми. Во вакцината на Гардасил секоја доза содржи 500 микрограми што е многу под границата.

Во врска со изнесеното во објавата дека крвно-мозочната бариера наводно е пробивна поради алуминиумот, ова тврдење е погрешно.

Зенпенг Кин, професор по механички инженеринг на Универзитетот во Далас Тексас, кој помогна да се развие техника за да се отвори крвно-мозочната бариера привремено, за да се администрира лек во мозокот, вели дека поминувањето низ мрежата на крвни садови и ткива „ не е лесно“.

За вакцини инјектирани во мускулите, тој вели дека е многу неверојатно оти мала доза на состојка би имала какво било забележително влијание врз крвно мозочната бариера.

Проверувачите на факти на „Асошиејтед Прес“ пишуваат дека:

Инфекциите кои ги предизвикуваат најголемиот дел од ХПВ карциномите, се намалија за 88 проценти кај тинејџерките и помал број на жени развиваат цервикален канцер откако вакцината Гардасил  беше одобрена во 2006 година. 

Како што наведува Ројтерс, Американскиот центар за контрола и превенција на болести пишува дека алуминиумот – природен метал, исто така, присутен во природата, се користи во вакцините со децении. Алуминиумските соли се однесуваат како вакцинални хемиски додатоци, или состојки кои помагаат да се помогне да се стимулира посилен имунолошки одговор на телото.

Центарот за контрола и превенција на болести посочува дека вакцините што содржат помошни средства може да предизвикаат повеќе локални реакции како црвенило, оток и болка во местото на инјектирањето и повеќе системски реакции како треска, болки во телото отколку оние што не содржат хемиски додатоци. Исто така, се забележува дека во сите случаи, вакцините кои содржат помошни средства се тестирани за безбедност и ефективност во клинички тестирања пред да бидат лиценцирани за употреба и постојано се мониторирани од Центарот за контрола и превенција на болести и од Агенцијата за храна и лекови на САД.

Детската болница во Филаделфија забележува дека помошни средства овозможуваат да се даваат помали дози од вакцините и помалку дози од нив, на начин што го стимулираат имуниот одговор на телото. Се додава дека количествата на алуминиум присутен во вакцините се ниски и регулирани од страна на Центарот за биолошка евалуација и истражување.

Алуминиумот кој се содржи во една доза вакцина е сличен на оној во литар бебешка формула (храна за бебиња). Додека новороденчињата добиваат околу 4.4 милиграми алуминиум во првите 6 месеци од животот преку вакцини, тие примаат многу повеќе од тоа преку храната. Бебињата кои се хранат со мајчино млеко примаат 7 милиграми, оние со формула 38 милиграми а оние што се хранат со бебешка формула на база на соја 117 милиграми алуминиум за време на првите 6 месеци од животот.

СЗО пишува дека од 2006 до 2017 се дистрибуирани 270 милиони вакцини против ХПВ ширум светот. Оттаму препорачуваат оваа вакцина да влезе во националните програми за имунизација поради тоа што превенцијата на цервикален карцином е јавен здравствен приоритет. Досега не се пронајдени никакви безбедносни проблеми коишто би ја промениле оваа препорака.

Што се однесува на делот од објавата во кој се вели дека Кристофер Ексли, англиски професор по биоорганска хемија и истражувач на алуминиумот, покажал корелација меѓу изложеноста на алуминиум и низа болести, повторно мора да се земе предвид дека количеството на алуминиум во ХПВ вакцината ни од далеку не би можело да предизвика никакви болести поради дозата која е исклучително ниска и контролирана, а дека преку храната се прима повеќе алуминиум отколку преку вакцината.

Научникот кој се споменува Луис Лујан е патолог, ама за животни. 

Резултатите од неговите студии не се потврдени врз луѓе, ниту пак, во објавата е кажано колкави биле количествата на алуминиум врз кои биле изложени овците. Резултатите врз животни не имплицираат дека тоа се случува и кај луѓето.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Вакцините против ХПВ содржат алуминиум, ама не во опасни дози. Вакцината е тестирана, безбедна, ефикасна и со поволен безбедносен профил и се препорачува од страна на СЗО во редовниот имунолошки календар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...