Незатоплени, празни, неосветлени и со уништен ентериер – ваква е состојбата на најголем дел од железничките станици во Македонија. Особено лоша е состојбата на објектите што се наоѓаат долж пругите Велес – Кочани и Скопје – Кичево, како и на железничките станици што се наоѓаат во помалите рурални средини. Граѓаните од Кичево, Гостивар, Тетово, Штип, Кочани и Куманово секојдневно патуваат од станици коишто се наоѓаат во руинирана состојба.

Со неповратни средства од Европската Унија, во изминативе неколку години беа целосно реконструирани 11 железнички станици долж Коридорите 10 и 10д, вклучувајќи ја ѝ Железничката станица – Скопје. Сепак, податоците на Државниот завод за статистика говорат дека со реализираниот зафат биле обновени само една деветтина од вкупниот број на железнички станици во земјава.

Железничка станица Рајко Жинзифов-1
Влез во чекалната на железничката станица „Рајко Жинзифов“, на пругата меѓу Скопје и Велес

Статистичарите пресметале дека патничкиот железнички сообраќај во 2017 година се вршел од вкупно 95 станици. Од Министерството за транспорт и врски велат дека следни за реконструкција би можело да бидат оние железнички објекти што се наоѓаат долж пругата Скопје – Кичево.

Во тек е изработка на пред – физибилити студија за подобрување на состојбата со железничката пруга од Коридорот 8. Најдоцна до третиот квартал од годинава ќе биде изготвен овој документ, којшто се подготвува со обезбедените грант – средства преку Инструментот на Инвестициска Рамка на Западен Балкан.

„Резултатите од оваа анализа, ќе покажат кои активности ќе треба да се направат на оваа делница од аспект на инфраструктура“, велат за „Мета“ од Министерството за транспорт и врски.

И од Градот Скопје веќе навестија дека во следниот период ќе се направи напор за ревитализација на железничките станици на територијата на метрополата, со што ќе им се овозможи на граѓаните полесно да го користат возот како превозно средство.

Градските власти би биле вклучени во изградбата на рампи за велосипеди и нови велосипедски патеки до овие железнички станици. Сепак, во моментов нема конкретни рокови за реновирање на овие објекти.

На крајот од мај 2018 година беа промовирани целосно реконструираните железнички станици со обезбедените средства од ЕУ. Железничката станица во Скопје беше реконструирана со 2,6 милиони евра преку ИПА програмата, а со дополнителни 2,5 милиони евра беше извршена и целосна обнова на објектите на Македонски железници – Инфраструктура во Битола, Гевгелија, Демир Капија, Градско, Велес, Чашка, Прилеп, Неготино, Табановце и Богомила.

Реконструирана железничка станица во Демир Капија (1)
Една од реконструираните железнички станици – Демир Капија