Жбогар: Сакаме луѓето полесно да патуваат и да се овозможи економски развој


       
Велес, 23 мај, 2018 - 16:55 (META) 

Вицепремиерите Кочо Анѓушев, Бујар Османи, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и шефот на делегацијата на Европската унија во Македонија, Самуел Жбогар, извршија увид на реконструираните железнички станици во Велес и во Чашка, како дел од кампањата „ЕУ за тебе“ со која се промовира поддршката од ЕУ за подобрување на инфраструктурата во земјата.

Во рамките на соработката, реновирани се 10 железнички станици лоцирани на паневропскиот железнички Коридор 10 и кракот 10-д, за што се наменети околу 2,5 милиони евра, од кои најголемиот дел или околу 2,1 милиони евра се средства од ИПА-програмата.

– Во тек е изградба на пруга со која Македонија се поврзува со Бугарија, каде што Европската унија обезбеди грант од 70 милиони евра како дел од средства за изградбата на делницата Бељаковце – Крива Паланка и дополнителни 60 милиони евра неповратни средства за третата делница Крива-Паланка – граница со Бугарија. Вкупната вредност на целиот проект за изградба на пруга кон Бугарија е околу 500 милиони евра, а поддршката од ЕУ е навистина значајна – нагласи Анѓушев.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Жбогар посочи дека инвестициите на Унијата не треба да се гледаат само низ призмата на изградена инфраструктура, туку дека тоа се инвестиции за граѓаните.

– Сакаме луѓето полесно да патуваат, лицата со хендикеп да имаат услови да патуваат со железница, патувањето да биде побезбедно и секако да се овозможи економски развој. Европска унија досега во транспортниот сектор има инвестирано околу 250 милиони евра, а добра вест е дека може да се очекува поддршка и во иднина, особено во железницата, која се смета за брза и поеколошка транспортна опција – подвлече Жбогар.