Грковска: Мора да се обединиме и со одржливи решенија да создадеме услови младите да сакаат да останат дома

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Потребна е заеднички ангажман, системски пристап и одржливи решенија за да ги задржиме младите во земјава, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната панел дискусијата што се одржа по нејзина иницијатива,  на којa се разговараше за младинските политики, како и за потребите, можностите и предизвиците со кои младите се соочуваат.

„Кога се во прашање младите, мора да се обединиме сите заедно и координирано, со системски пристап и со одржливи решенија да создадеме услови младите да сакаат да останат дома, во својата татковина и со своето знаење, умешност, креативност и младешки дух да дадат значаен придонес за развојот и напредокот на државата. А младите, имаат навистина многу да дадат во унапредување на сите области во државата“, порача Грковска.

На трибината учествуваа и Армен Грегоријан, постојан претставник на УНДП во Северна Македонија, како и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, како и претставници на Националниот младински совет, Младинскиот образовен форум, претставници на здруженијата на студентите и на средношколците, Младинскиот ресурсен центар (ICan), Форумот за образовни промени и Сојузот за младинска работа.

„Наш приоритет во моментов е преку јакнењето на институциите, кои мора да бидат професионални, ефикасни, одговорни, отчетни и транспарентни и кои доследно ќе работат во согласност на принципите за добро управување, да ја вратиме довербата на граѓаните во системот. Да ја вратиме довербата на младите во институциите, вербата дека се можни промени на подобро и вербата дека и младите можат да бидат активни чинители во промените“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Таа го потенцираше проблемот со иселување на младите од државата и изрази грижа што оваа тенденција продолжува и нагласи дека мора да ги подобриме состојбите во нашата држава, за голем дел од младите да решат да останат тука.

„Сите ние одлучуваме во какво општество ќе живееме и каква иднина ќе градиме. Поединецот, Владата, институциите не можат да постигнат многу, доколку нема промена на свеста кај секој од нас. Најтежок процес во секоја трансформација на општеството е промената на свеста“, додаде Грковска.

На панел дискусијата беше поздравена одлуката да се работи на Стратегијата за млади 2023 – 2027, процес кој го води Агенцијата за млади и спорт со поддршка на УНДП, која треба на реален начин да ги дефинира идните политики, но и која ќе предвиди обврски за нејзина имплементација наредниот период за сите институции.

Истовремено, беше потенцирано дека фокусот во наредниот период треба да биде насочен кон подобрување на образовните политики, политиките за вработување на младите, но и истовремено на младите да не се гледа како на хомогена структура, туку политиките и мерките да бидат дефинирани според потребите на различните групи млади, во зависност од тоа дали доаѓаат од урбана или рурална средина, дали станува збор за млади со попречености, дали станува збор за млади со воспитно социјални проблеми.