Гласач со визир, маска и ракавици како заштита од ковид-19 за време на предвремените парламентарни избори 2020 г. | Фото: Арбнора Мемети

Од граѓанската асоцијација МОСТ која редовно ги набљудува изборните процеси во земјава, посочуваат дека иако изборите поминаа во фер и демократска атмосфера, хакерскиот напад на веб-страната со изборните резултати може да е однапред испланиран обид за нарушување на довербата во изборниот процес.

Оттаму велат дека поради нападот јавноста нема целосен увид во првичните резултати од изборите, а веб-страницата сè уште не е функционална.

„Тајмингот во кој се извел овој напад дава индиции за сомневање дека се работи за однапред испланиран обид за нарушување на довербата во изборниот процес“, велат од МОСТ.

Понатаму тие соопштуваат дека сепак граѓаните повторно учествуваа во изборен процес во кој слободно можеа да ја изразат својата волја. Според нив, воведените протоколи поради пандемијата овозможија граѓаните безбедно да го остварат своето право на глас.

„Во текот на изборниот ден беа забележани само неколку изолирани случаи на неправилности кои не влијаеја на квалитетот на изборниот процес“, се нагласува во соопштението на МОСТ. Исклучок, според нив, од генерално арелаксираната армосфера претставуваат случаите на негативна кампања и користењето на националистичка реторика.

Во однос на работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата, од МОСТ соопштуваат дека антикорупционерите постапиле по шест приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и три приговори поднесени од непознат подносител во однос на потенцијална злоупотреба на државните ресурси. Прифатени беа два приговори од ВМРО-ДПМНЕ.

„ДКСК ја продолжува позитивната практика од претходните избори во однос на постапувањето по евентуалните прекршувања, а овој пат сите одлуки беа донесени во согласност со Изборниот законик“, се вели во соопштението на МОСТ.

Граѓанската асоцијација МОСТ ги охрабрува надлежните институции да продолжат поефикасно да ги отстрануваат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на Избирачкиот список, посебно во однос на стандардизирање на податоците за адресите и координацијата помеѓу надлежните институции.

Во однос на работењето на ДИК, тие позитивно ја оценуваат транспарентноста на нивната работа и велат дека работеле во ефикасна и колегијална атмосфера.

„ДИК постапуваше по 42 приговори за предвремен почеток на изборната кампања, при што ги одби сите, со образложение дека нема доволно докази за постапување. Сепак, од прилозите и написите во медиумите беше јасно дека одредени учесници предвреме ја започнаа изборната кампања. Поради тоа, МОСТ ја повторува својата препорака за соодветно регулирање на периодот помеѓу потврдувањето на кандидатските листи и почетокот на кампањата“, се вели во соопштението на МОСТ.

„Изборниот законик беше изменет на денот пред распишувањето на изборите, 15 февруари 2020, што е во спротивност со меѓународните стандарди и практики. Имајќи предвид дека измените беа суштински, а веќе стана вообичаено Изборниот законик да се менува непосредно пред изборите, оваа практика треба да престане. МОСТ апелира по завршувањето на изборите да продолжи сеопфатниот и инклузивен процес на изборни реформи којшто беше спроведен во 2019 година од Министерството за правда, и во кој ќе бидат имплементирани и останатите препораки на домашните и меѓународните набљудувачи“, се наведува во соопштението на МОСТ.