fbpx

Градските советници го одбија предлогот милениците да се возат во автобусите на ЈСП

Советот на Град Скопје не ја прифати иницијативата на „Зелен хуман град“ (ЗХГ), домашни миленици да можат да се возат во јавниот превоз

-

Во автобусите на ЈСП нема да можат да се возат миленици. Советот на Град Скопје не ја прифати иницијативата на „Зелен хуман град“ (ЗХГ), домашни миленици да можат да се возат во јавниот превоз.

Во своето образложение на иницијативата, Драгана Велковска од ЗХГ рече дека милениците, додека се возат во јавниот превоз, би биле затворени во транспортер.

„Самата иницијатива не ја поднесуваме за да се преплават автобусите со животни или да се случуваат некакви инциденти, туку исклучиво е поради неопходност на луѓе кои имаат миленик, а немаат друг начин да го превезат. Ние со недозволувањето и на луѓето им го ограничуваме правото на јавен превоз. Затоа, повикувам на солидарност од советниците. Јасно е дека некои луѓе се плашат од животни, но овие животни ќе бидат затворени во транспортер. Не очекуваме од луѓе кои немаат суштинска потреба да го користат ова право“, рече Велковска.

Со реплика се јави советникот Страшо Ангеловски, кој праша дали можеби прлето или змијата спаѓаат во домашни миленици.

„Што е миленик, еве мој пријател на пример дома чува мало прленце, за тие што не знаат, тоа е мало магаре и за него тоа е домашно милениче. Тој ме праша дали ќе може прлето да го движи низ јавниот превоз. Имам и пријател што чува змија, и тој ме праша дали и неговото милениче ќе може да се вози во јавен превоз. Затоа, за да не влегуваме во дискриминација на самата група, предлагам поширока јавна расправа и на сите луѓе треба да им најдеме начин да користат јавен превоз“, рече Ангеловски.

На ова, Велковска одговори дека под домашен миленик се подразбира куче или мачка и дека законот определува што е домашен миленик, а таму се наведени и обврските на сопствениците и начините како тоа милениче треба да биде чувано.

„Магарето не е домашен миленик и сите тие прашања се определени во Законот за благосостојба на животните. Ова го чувствувам како банализирање. Постојат луѓе со миленик кои немаат 500 денари за да го однесат до ветеринар, треба да им се излезе во пресрет на тие луѓе. И не сите таксисти дозволуваат превоз на миленици“, одговори Велковска.

Советникот Амар Мециновиќ, рече дека ќе ја поддржат иницијативата, но притоа побара да се дискутира и за капацитетите на ЈСП, со оглед на тоа што многу често автобусите се преполни, граѓаните се нервозни, а многу често нема основни услови за превоз.

Следуваше гласањето, на кое само осум советници од Советот на град Скопје ја прифатија иницијативата, со што предлогот за возење миленици во скопскиот јавен превоз не беше прифатен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...