И денеска продолжува блокадата од гевгелиските таксисти и од приватните автобуски превозници на граничниот премин Богородица. Блокадата за влез и за излез од земјата почна во 10 часот, а ќе трае до 12 часот.

Превозниците сè уште немаат одговор на нивното барање да се вклучат во превозот на бегалците од јужната кон северната граница. ­

„Ни беше ветено од надлежните дека до синоќа ќе стигне одговорот на нашето барање, но тоа не се случи и покрај тоа што чекавме до последен момент. Нашата добра волја не се почитува, па затоа одлучивме да продолжиме со блокирањето на граничниот премин секој ден по два часа. До кога ќе трае тоа веќе не зависи од нас – рече денеска претседателот на такси-здружението, Миле Ангелов.

Барањето на автобуските и на такси-превозници е тие во дневните часови да ги превезуваат мигрантите кон Табановце, а ноќе тоа да го прават возовите на МЖ.