Германија има намера да ја преземе улогата на глобален лидер во отстранувањето на пластичниот отпад, кој особено влијае на океаните ширум светот, изјави министерката за заштита на животната средина Штефи Лемке, пренесува германската новинска агенција ДПА.
„Загадувањето со пластичен отпад има исклучително лошо влијание врз морињата, кои веќе страдаат поради климатските промени и уништувањето на биолошката разновидност“, изјави Лемке за агенцијата ДПА.
Еден од факторите за загадувањето се таканаречените „мрежи на духови“, односно стари рибарски мрежи кои се изгубени и пливаат во морињата, загрозувајќи го животот на животните и животната средина.
„Тие мрежи и други остатоци од риболовот сочинуваат 50 отсто од пластичниот отпад во морињата“, рече министерката.
Затоа, германската влада сака да се приклучи на меѓународната иницијатива која планира да ги отстрани преостанатите мрежи од морето и да спречи идно загадување со опрема од рибарската индустрија.
„Отфрлените или изгубени рибарски мрежи пловат во океаните како невидливи стапици на смртта“, вели Клаудија Милер, државен секретар во Министерството за храна и земјоделство.
Покрај тоа, малите влакна од пластика се распаѓаат и ги загадуваат океаните како микропластика, додаде Милер.
Целта на иницијативата е да се стави крај на уништувањето на морскиот свет.