„Гејмстоп“: Продолжува војната помеѓу Волстрит и Реддит заедницата

Фото: r/wallstreetbets, Reddit.com

Американската берза изминативе три недели доживеа потрес откако група корисници на мрежата „Реддит“ одлучија да им се спротивстават на големите инвеститори од Волстрит и да играат против нивните мултимилионски обложувања.

Голем број корисници на Реддит во групата „wallstreetbets“ започнале со купување на акции во компанијата за видео игри и забава „Гејмстоп“, пркосејќи им на инвеститорите од Волстрит кои се обложиле дека компанијата нема да успее и инвестирале во пад на нејзините акции.

Откако Реддит заедницата со купувањето на акции придонесе кон раст на нивната цена, тоа ги чинеше инвеститорите и по неколку милијарди долари. Цената на акциите на „Гејмстоп“ на почетокот годинава изнесувала околу 17 долари, за да потоа се искачи на над 480 долари минатиот четврток. Тоа предизвикало хеџ фондот што се обложил во пад на акциите на „Гејмстоп“ купувајќи ги т.н. краткорочни акции, да почне да ги купува акциите назад за да избегне банкрот, нешто во што не успеа и пред да банкротира беше „спасен“ со помош на инвестиција од друг, поголем фонд.

Изминатава недела акциите на „Гејмстоп“ почнаа да опаѓаат. Од неодамна нивната вредност изнесува околу 90 долари.

Дел од корисниците на Реддит купувањето на акциите на „Гејмстоп“ го правдаа со верувањето во иднината на компанијата, додека други признаваа дека ги примамила идејата дека нивното купување на акции ќе придонесе лошите облози да ги чинат големи пари инвеститорите од Волстрит.

Gamestop
Цената на акциите на „Гејмстоп“ од понеделникот почна да опаѓа / фото: Google Finance

Аналитичарите борбата против играчите на Волстрит оценуваат дека е резултат на лутината предизвикана од однесувањето на големите инвеститори во текот на изминатава деценија – кога голем дел од финансиската индустрија беше спасена со државни пари и заработуваше уште повеќе додека многу луѓе страдаа. Тоа е уште поистакнато за време на пандемијата со корона вирусот.

Членовите на „Реддит“ во „wallstreetbets“ велат дека нивната борба не е завршена, па во меѓувреме бараат други хеџ фондови на кои заеднички би им се спротивставиле.

Без оглед на тоа каква завршница ќе има случајот со „Гејмстоп“, инвеститорите и набљудувачите на индустријата се согласни дека интернет форумите покажале дека тие можат да бидат сила на пазарот.

„Мислам дека сега кога ја препознаа нивната моќ и кога научија неколку лекции, ќе добиеме повеќе, а не помалку од тоа“, изјавил милијардерот и инвеститор Марк Кубан за американската телевизија Си-ен-би-си.

Во лудата приказна проследена со неколку пресврти се вклучија неколку јавни личности, меѓу кои и извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск. После неговиот твит за „Гејмстоп“ акциите на компанијата пораснале за дополнителни 40 отсто. Медиумите пишуваат дека Маск периодов сфатил дека може да ги турка луѓето кон инвестирање во акции на разни компании, откако претходно еден негов нејасен твит ги збуни инвеститорите кои инвестираа во погрешна компанија.

И додека ваквиот потег на членовите на „Реддит“ беше опишуван како „луд“ и како „манипулација на пазарот“, компанијата „Гејмстоп“ сè уште е во жариштето на војната помеѓу Волстрит и трговците на интернет. Сите ја очекуваат завршницата на случајот, но прашањето е кој на крајот ќе излезе како победник, а кој ќе биде поразен.

Преходно случајот го искоментира и сенаторката од Демократската партија, Александриа Окасио- Кортез, која на Твитер напиша:

„Мора да признаам дека е убаво да се гледа како Волстритерите со долга истрија на третирање на нашата економија како казино, се жалат од активностите на група која исто така го третира пазарот како казино“.

Револт помеѓу интернет трговците предизвика одлуката на неколку трговски компании како Robinhood, TD Ameritrade и WeBull да одговорат на флуктуациите преку ограничување на трговијата со „Гејмстоп“, „АМЦ“ и другите компании чии цени на акциите забрзано се менуваат среде хаосот. Најагресивна во затворањето на тргувањето со високо-волатилните акции беше компанијата „Робинхуд“.

Најавена е најмалку една тужба против неа, а од „Робинхуд“ велат дека пазарните правила ефективно ја принудиле да ги воведе ограничувањата и дека работат во интерес на корисниците.

„Не беше затоа што сакавме да ги спречиме луѓето да ги купуваат овие акции. Ова е динамичен, нестабилен пазар и ние можеме и треба да продолжиме да се осигураме дека можеме да ги исполнуиме барањата како брокери за да можеме да продолжиме да им служиме на клиентите на долг рок“, стои во објавата на „Робинхуд“.

Но, Комисијата за хартии од вредност и размена во САД соопшти дека внимателно ја следи и набљудува екстемната нестабилност на цените на одредени акции.

Иако не се спомнува името на „Робинхуд“, Комисијата рече дека ќе ги „разгледа дејствијата преземени од регулираните субјекти кои можат да им наштетат на инвеститорите или на друг начин да ја спречат нивната можност за тргување со одредени хартии од вредност“.

Ова не е прво соочување на „Робинхуд“ со регулаторите во САД. Компанијата во декември беше обвинета дека намерно објавува погрешни изјави и тврдења за начинот на кој работи и дека ги лишила своите корисници од неколку десетици милиони долари. „Робинхуд“ без да ги признае или негира тогашните наоди, се согласи да плати 65 милиони долари за да ги разреши обвинувањата.