Илон Маск ги збуни инвеститорите, наместо во апликацијата „Сигнал“ инвестирале во компанија со слично име

Elon Musk
Илон Маск / фото: Daniel Oberhaus на Wikimedia Commons

Повикот на Илон Маск да се користи „Сигнал“ ги збуни инвеститорите, кои своите пари ги инвестирале во погрешна компанија.

Извршниот директор на компанијата „Тесла“ на 7 јануари на Твитер ја испрати пораката „користете Сигнал“, што се однесуваше на шифрираната апликација за пораки „Сигнал“. Веќе од следниот ден, акциите на сосема друга и неповрзана компанија наречена „Сигнал Адвенс“ (Signal Advance) пораснале за 527 отсто и дополнителни 91 процент во петокот.

Апликацијата „Сигнал“ на која мислеше Маск е креирана од страна на невладина организација и служи како алтернатива на популарните апликации за испраќање на пораки како Вибер, Ватсап и Фејсбук Месинџер.

Од апликацијата во петокот на Твитер се огласија дека немаат никаква поврзаност со „Сигнал Адвенс“, чија цена на акциите за два дена се зголеми 12 пати, од 60 центи на 7,19 долари.

„Разбирливо е што луѓето сакаат да инвестираат во рекордниот раст на Сигнал, но ова не сме ние“, напишаа од апликацијата и додаваат дека се независни и дека нивна единствена инвестиција е во приватноста на корисниците.

Пораката на Илон Маск упатена до неговите 42 милиони следбеници на Твитер довела и до технички проблеми со верификација на новите корисници, откако многу луѓе се обиделе да се приклучат на апликацијата.

„Сигнал Адвенс“, од друга страна, е мала компанија која обезбедува услуги на медицински и правни работници, а е основана во Тексас, САД, во 1992 година под името „Биодин“. Откако компанијата  го променила фокусот кон користење на технологија во здравствената заштита, се преименувала и почнала да го користи денешното име.

Ова не е прв случај на инвестиции направени „по грешка“. Во април 2019 година, на денот кога платформата за видео комуникации „Зум“ дебитираше на пазарот, акциите на сосем друга кинеска компанија под име „Зум Технолоџис“ (Zoom Technologies) пораснале за 80 отсто.

Неколку години претходно, додека инвеститорите чекале на објавување на иницијалната јавна понуда на Твитер, акциите на компанија наречена „Tweeter Home Entertainment“ пораснале за повеќе од 1.000 проценти.