fbpx

Фотографијата од Навални со нацистичкиот поздрав и тетоважа на Хитлер е лажна

Се работи за фотомонтажа, модифицирана од оригинална фотографија од 2013 година објавена во напис на веб-страницата Oxu.az, којшто говори за огорченоста на дел од руското население кон мигрантите

-

Фотографијата на којашто е прикажан Навални со тетоважа на Хитлер на градите и со крената рака во нацистички поздрав, е фабрикувана. Се работи за фотомонтажа, модифицирана од оригинална фотографија од 2013 година објавена во напис на веб-страницата Oxu.az, којшто говори за огорченоста на дел од руското население кон мигрантите. Тврдењата дека Путин се борел против нацистите во Украина, вклучително и против неговиот најголем противник кој бил нацист, се лажни и производ на дезинформациската кујна на Кремљ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук којашто споделува фотографија за која тврди дека го прикажува Алексеј Навални со тетоважа на Адолф Хитлер на градите и со крената десна рака во нацистички поздрав.

Сега јасно ли е зошто си замина кај многуте???
Путин добро кажа, “Ние не ја започнавме војната, туку ја продолживме истата”, стои во објавата.

Алексеј Навални, најжестокиот критичар на Кремљ и на рускиот претседател Владимир Путин, на 16 февруари беше пронајден мртов во затвор во регионот Јамало-Ненец на крајниот север на Русија.

Денеска во казнената колонија бр. 3 осуденикот А. Навални се почувствува лошо по прошетката и речиси веднаш потоа ја загуби свеста. На местото беше повикана екипа на итната медицинска помош која веднаш пристигна. Преземени се сите мерки за реанимација, но не дадоа позитивен резултат. Лекарите од итната помош ја констатираа смртта на осуденикот, соопшти затворската управа.

Навални одлежа 11 и пол години затвор за „измама, непочитување на судот и прекршување на условната казна“. Тој ги отфрли сите овие обвинувања како измислени и политички мотивирани.

Фотографијата споделена во објавата што ја анализираме, според која Навални го имал истетовирано Адолф Хитлер на градите и кревал рака во нацистички поздрав, е лажна. Доколку ја пребарате фотографијата на Гугл, ќе видите дека таа циркулира од 2013 година, но не со ликот на Навални.

Ова е фотомонтажа, модифицирана од оригиналната фотографија од 2013 година објавена во напис на веб-страницата Oxu.az. Написот говори за огорченоста на дел од руското население кон мигрантите.

Еве ја оригиналната фотографија:

Дека фотографијата е лажна во 2021 година пишувале и сајтовите за проверка на фактите Факта и Бутак.

Во самиот опис на објавата се вели дека Навални „заминал кај многуте“, бидејќи бил нацист, притоа прикажувајќи го Путин како херој кој се бори против нацизмот.

Според официјалните информации на руските власти, Навални починал од синдром на ненадејна смрт додека пак, неговата сопруга Јулија Навални обвини дека нејзиниот сопруг бил отруен со новичок и затоа руските власти го кријат неговото тело.

Тезата дека Путин се бори против нацизмот не е ништо ново, а таа особено се засили откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Путин својата инвазија врз Украина ја оправдува, меѓу другото, и со обвинувања дека Украина е нацистичка држава и дека тој се бори за нејзина денацификација.

Со цел да го оправда својот напад врз Украина, Русија постојано нагласува дека треба да се запре „геноцидот“ врз Русите во Украина, којшто го спроведуваат украинските национални радикали.

Терминот „геноцид“ е дефиниран со Конвенцијата за геноцид на ОН од 1948 година како „злосторство на намерно истребување на национална, етничка или религиозна група или припадник на раса“. Дури и мисиите на ОБСЕ, кои, со согласност на Москва, редовно вршат истраги во сепаратистичките области, не пронашле никаква основа за наводите за геноцид.

Според податоците на ОН од 2021 година, во конфликтите во источна Украина досега животот го загубиле околу 3.000 цивили. Според извештајот на ОБСЕ, најголем број цивилни жртви биле убиени во артилериски напади.

Употребата на терминот „денацификација“ во конотација со Украина е сосема погрешно,  оценува политикологот Андреас Умланд од Стокхолмскиот центар за источноевропски студии (SCEEUS). Тој посочува дека актуелниот претседател на Украина е Евреин кој победил еден неевреин кандидат на последните избори.

Умланд напоменува дека во Украина има десничарски екстремни сили, кои, сепак, се слаби во споредба со другите европски земји.

На последните избори екстремно десничарскиот Обединет фронт освои само 2,15 отсто од гласовите, посочува Умланд.

На удар на критиките се најде една воена единица со десничарска екстремна позадина, која беше активна на почетокот на конфликтот во Донбас. Но, таа група, според Умланд, е интегрирана во постоечките единици на Националната гарда. Десничарските екстремистички групи се минорна појава во Украина, заклучуваат експертите.

За потсетување, Украина  го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година.

Војната којашто Русија ja започна пред повеќе од една година однесе илјадници животи, милиони луѓе се раселени, ја потресе глобалната економија и повторно ги отвори поделбите од времето на Студената војна, како што е стравот од нуклеарна војна. Тврдењата дека Путин се борел против нацистите во Украина, вклучително и против неговиот најголем противник кој бил нацист, се лажни и производ на дезинформациската кујна на Кремљ. Фотографијата, пак, на којашто е прикажан Навални со тетоважа на Хитлер на градите и со крената рака во нацистички поздрав, е фабрикувана. Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...