Платформа за родова еднаквост: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базирано насилство

Слабата регулација на социјалните мрежи на глобално ниво придонесува кон зголемување и на случаите на булинг, родово-базирано насилство, меѓуврсничко насилство како и говор на омраза, алармира Платформата

Фото: Jeswin Thomas on Unsplash

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство, алармира Платформата за родова еднаквост.

Оттаму изразуваат особена загриженост и остро реагираат на последните родово-базирани напади во онлајн просторот и кај нас и во регионот.

„Сведоци сме дека родово-базираното насилство директно се прелева преку екраните во реалноста, а слабата системска поддршка и помош како и манипулациите и злоупотребата на фотографии, видеа и податоци оставаат штетни последици кои можат да бидат ненадоместливи“, велат од Платформата.

Случајот во Кавадарци со шесте малолетници, ученици од деветто одделение во основно училиште, кои неовластено преземале приватни фотографии од нивни соученички, ги монтирале и меѓусебно ги споделувале со врсници, го привлече вниманието во јавноста поради сериозноста на нападите врз ученичките.

Поведена постапка за ученици кои монтирале фотографии од нивни соученички за да ги исмеваат

„Со оглед на тоа дека се работи за деца, гласно алармираме за овој случај и сакаме да додадеме дека потребен е системски пристап кој едуцира како сооодветно да ги користиме социјалните мрежи и онлајн просторот, но и како можеме да се заштитиме откако ќе се случи дигитално родово-базирано насилство, каде да пријавиме и каде да се обратиме за помош, но и како меѓусебно да се охрабриме и бориме“, велат од Платформата за родова еднаквост.

„Онлајн вознемирувањето носи физички и психички последици за преживеаните, како страв, вознемиреност, несигурност, но и неможност да се излезе од кругот на насилството. Тоа насилство влијае и на секојдневното функционирање на една индивидуа и сериозно може да го наруши нормалниот тек на животот“.

Од Платформата потсетуваат на последниот случај од регионот, во Албанија, кој ja покажал најопасната последица што може да случи поради дигитално родово-базирано насилство – самоубиство.

„Полицијата во Тирана пред неколку дена извести за случај со 27-годишна жена која се самоубила. Подоцна беше уапсен маж, под сомнение дека објавил интимна фотографија од жената на социјалната мрежа ТикТок и дека тоа е причината поради самоубиството на жената“.

Видливоста на онлајн просторот и брзото ширење на содржината создава огромен страв кај жртвите, а тие дополнително се изложени на насилство и во реалниот простор. Воедно, слабата регулација на социјалните мрежи на глобално ниво придонесува кон зголемување и на случаите на булинг, родово-базирано насилство, меѓуврсничко насилство како и говор на омраза, алармира Платформата.

Оттаму сметаат дека освен законските регулативи, потребно е правилно информирање за препознавање на дигиталното родово-базирана насилство; пријавување и справување со последиците, како и психолошка поддршка за преживеаните; спроведување поефективни мерки на институционална и правна заштита; поефикасно и побрзо наоѓање и казнување на сторителите.

„Особено е важно да се зборува јавно и отворено за овој тип на насилство, за да се создадат безбедни заедници и простори каде ќе се пружи солидарност и поддршка“, велат од Платформата за родова еднаквост.