Претседателката Урсула фон дер Лајен на седница на Европската Комисија. 5 мај 2021. Фото: Etienne Ansotte објавено од EC - Audiovisual Service

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, испрати писмо до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кое му се заблагодарува за „продуктивната средба во Брисел на 26 април“, пишува српскиот весник „Блиц“.

Во писмото таа нагласува дека особено се радува на соработката во големиот проект за модернизација на пругата Белград-Ниш-Прешево, до границата на Србија со Северна Македонија.

Според „Блиц“, фон дер Лајен посочува дека проектот е „огромен чекор напред и важна пресвртница во нашите идни односи“, и додава дека таа е „среќна што овој проект е во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан , што е усвоен од Европската комисија минатата есен“.

Претседателката на Европската комисија додава дека „Комисијата веќе работи со полна брзина на реализација на проектот“.