Федералната трговска комисија на САД: Социјалните медиуми спроведуваат огромен надзор врз корисниците

Извештајот на Комисијата кој беше објавен вчера содржи информации за практиките за собирање податоци на Фејсбук, Ватсап, Јутјуб, Дискорд, Редит, Амазон, Снепчет, ТикТок и Х (поранешен Твитер)

фото: ROBIN WORRALL на Unsplash

Социјалните медиуми и онлајн видео компаниите собираат огромни количини лични податоци на корисниците на и надвор од нивните интернет-страници или апликации и ги споделуваат со широк опсег на трети лица, потврди новиот извештај на Федералната трговска комисија на САД за девет технолошки компании.

Извештајот на Комисијата кој беше објавен вчера содржи информации за практиките за собирање податоци на Фејсбук, Ватсап, Јутјуб, Дискорд, Редит, Амазон, Снепчет, ТикТок и Х (поранешен Твитер), пренесе Гардијан. Анализирани се нивните практики помеѓу јануари 2019 и декември 2020 година.

Поголемиот дел од бизнис-моделите на овие компании поттикнале следење за тоа како луѓето се ангажирале на платформите преку собирање на нивните лични податоци и нивно користење за да се утврди каква содржина и реклами гледаат.

Наодите на американската Федерална трговска комисија ги потврдуваат долгогодишните информации за длабочината на практиките за следење на големите компании и „огромното надгледување на корисниците“.

Комисијата му препорачува на американскиот Конгрес да донесе федерални регулативи за приватност врз основа на она што го документирала. Конкретно, агенцијата ги повикува законодавците да препознаат дека бизнис моделите на овие компании прават малку за да поттикнат ефективна саморегулација или заштита на податоците на корисниците.

„За да се создадат ефективни правила кои го ограничуваат ова собирање податоци, креаторите на политиките треба да се погрижат кршењето на законот да не е попрофитабилно од неговото почитување“, изјави претседателката на Федералната трговска комисија, Лина Кан.

Комисијата бара компаниите спомнати во извештајот да инвестираат во ограничување на задржувањето и споделувањето податоци, ограничување на насоченото рекламирање и зајакнување на заштитата за тинејџерите.

Извештајот нагласува дека корисниците имаат мала контрола врз тоа како овие компании ги користат и споделуваат нивните лични податоци.

Повеќето компании собираат демографски информации за корисниците како возраст, пол и јазик. Некои собираат информации за приходите на домаќинството, образованието, родителскиот и брачниот статус. Дури и кога овој тип на лични податоци не биле директно собрани, некои компании го анализирале однесувањето на корисниците на платформите за да дојдат до заклучок за деталите од нивниот личен живот без нивно знаење. Ваквите информации потоа биле искористени од некои компании за да ги прилагодат содржините што луѓето ги гледаат на нивните платформи, со цел да го зголемат ангажманот на корисниците. Во некои случаи, тие демографски информации биле споделени со трети страни за да им се помогне да дојдат до корисниците со порелевантни реклами за нив.

Неколку фирми рекле дека е невозможно дури и да се состави целосен список со кого ги споделуваат податоците на корисниците. Кога од компаниите било побарано да набројат со кои огласувачи и субјекти ги споделиле податоците за потрошувачите, ниту една од овие девет компании не доставила целосен список до Федералната трговска комисија.