Европскиот куп во далечинско пливање ќе се одржи денеска во Охрид

фото: Bojan Bogdanovski на Unsplash

Попладнево во Охрид ќе се одржи ЛЕН – Европскиот куп во далечинско пливање, во олимписка дисциплина 10 километри.

Во Охридското Езеро ќе влезат 33 пливачи од 14 земји учеснички, а од Македонија како земја- домаќин учество ќе земат шестмина пливачи. Четворица од пливачите кои ќе учествуваат на Европскиот куп беа рангирани во најдобрите шест пливачи на Олимписките игри во Токио пред две недели.

Стартот пред хотелот „Метропол“ е закажан за во 16 часот, кога официјално за отворена трката ќе ја прогласи премиерот Зоран Заев.

Дел од организацијата на Европскиот куп во далечинско пливање годинава е и Пливачката федерација на Северна Македонија, како партнер на Европската пливачка федерација.

Организаторите велат дека настанот ќе ја подигне свеста за значењето и важноста на овој базичен олимписки спорт и ќе ја пренесе пораката дека Северна Македонија е подготвена за вакви сериозни и големи пливачки шампионати.

„Олимпискиот спорт – пливање е еден од приоритетите на Владата на кој интензивно се работи, меѓу кои од посебно значење е токму одржувањето на вакви официјални светски настани кои јасно ја поставуваат нашата држава и градот Охрид на мапата на светски градови со одличен пливачки бекграунд“, велат од Пливачката федерација на Северна Македонија.

Годинава, домаќини на Европскиот куп на отворени води, покрај Северна Македонија ќе бидат и Турција, Италија, Хрватска и Шпанија.