Ема има 13 години, потекнува од Македонија и е авторка на наградуваниот документарен филм „Живо Море“

Фото: лична архива

Ема Попоска е талентирано девојче што има македонско потекло, како прв јазик на училиште го зборува англискиот и живее во Хонг Конг. Таа има 13 години и на оваа возраст го сними својот прв краток документарен филм „Живо Море“. Филмот е оценет со високи награди на престижни светски филмски фестивали и има добиено заслужни номинации и признанија. Покрај градењето филмска кариера, Ема многу сака да пишува кратки раскази или поезија, да фотографира, гледа филмови, чита и учи нови нешта на нејзините омилени часови на училиште по предметот дизајн. Своето слободно време вообичаено го минува со активности во природа и на море, а за себе вели дека сигурно ќе ѝ биде тешко еден ден да избере нешто со кое ќе се бави понатаму, но најважно е да ја следи сопствената желба – да помогне светот да стане поубав и поправеден за сите.

Како се роди идејата за креирање на твојот филм „Живо море“?

Ема: Моите најрани сеќавања се поврзани со морето. Постојано сум во близина на морето: од најрана возраст пливам, сурфам и едрам. На 10 години почнав и да нуркам. Ова ми овозможи да видам длабоко под брановите и да развијам нова, сосема поинаква слика за убавините на морскиот свет. Се чувствувам поврзана со морето и сите суштества што живеат во него. Затоа сакам да научам како да се грижам за нив, а потоа да ја пренесам оваа порака на што е можно повеќе луѓе. Така се роди идејата за документарниот филм.

Фото: Фејсбук профил Kids4Kids

Зошто ги избра токму коралите во подводниот морски свет на Хонг-Конг?

Ема: Мислам дека децата не го познаваат морскиот свет доволно за да го засакаат и да сакаат да го заштитат. Многу луѓе не се свесни за значењето на морските животни и како да ги заштитат. Ова е бидејќи не ги гледаат секојдневно. Морските животни за нив се само убав ручек или вечера.

Особено, на училиште учиме многу малку за коралите. А коралите се подводните градови на морскиот свет околу кои се движат и од кои зависат многу други морски суштества, па и луѓето. Со мојот документарен филм сакам на сите деца да им ги покажам коралите, сакам тие да научат повеќе за коралите, за нивното значење, и како да се грижиме за нив.

„Ние сме единствената планета со океани и мориња, и тие се неопходни за да преживееме.“
Фото: лична архива

Со кого работеше на филмот и како си задоволна од меѓусебната соработка?

Ема: Филмот, кој е краток документарен филм од 15 минути, е целосно направен од екипа од ученици на возраст од 13 до 15 години, под менторство на Џереми Хунг, режисер и наставник за филм. Филмот почнавме да го правиме токму кога почна Ковид пандемијата, така што не беше лесно да се координираат активностите и да се работи заедно. Но, се снаоѓавме како што можевме – се среќававме преку Зум, секој имаше посебни задачи кои треба да ги заврши. Многу ме радува што успеавме да го направиме филмот и покрај сите потешкотии.

Можеш ли накратко да го опишеш процесот на креирање на филм? Начинот на кој ти го спроведе истото, од твоја гледна точка и искуство?

Ема: Ова е мој прв филм и претходно немав никакво искуство за тоа како се прават филмови. Учев на сопствените грешки. За филмот ми беше потребно многу повеќе време одошто планирав првично, делумно заради Ковид, но делумно и затоа што не секогаш сѐ оди според планот. Да се организира нуркање бара многу планирање однапред, но понекогаш едноставно материјалот кој го снимав не беше добар. Или сум заборавила да ја наполнам батеријата на камерата, или видливоста токму тој ден не била доволно добра. И потоа требаше да се повтори сѐ од почеток. Меѓутоа многу сум среќна со крајниот резултат. Целиот процес ме научи дека е многу важно да се биде трпелив, истраен и да се продолжи и покрај предизвиците.

Како ја презентираше својата идеја пред останатите кои ти се приклучија, што им рече, како им ја раскажа својата замисла?

Ема: Идејата ја презентирав за прв пат на натпревар организиран од Кидс4кидс (Кids4Kids) – организација во Хонг Конг која им помага на децата да бидат креативни и активни во создавањето на промени во општеството. Тие секоја година организираат настан на кој гости предавачи зборуваат за своите компании и активности од областа на животната средина, образованието и намалување на  сиромаштијата. Потоа секој од децата учесници добива три минути да ја претстави својата идеја. Оние со најдобри и највпечатливи претставувања добиваат парична поддршка за да ги реализираат своите идеи. Мојот проект беше оценет најдобро во годината во која учествував. Ова беше првична и многу важна мотивација, сѐ друго потоа течеше некако полесно.

Кој дел беше најинтересен , а кој најтежок за време на снимањето и продуцирањето на филмот?

Ема: Најинтересниот дел за мене беше снимањето под вода. Многу сакам да нуркам, а ми беше многу интересно да научам да ја користам опремата за снимање, и да се обидам да ги доловам на камера сите интересни пејзажи под водата. Исто ми беше многу

Фото: лична архива

интересно да научам да снимам со дрон. Најтешко беше монтирањето на филмот. На пример, снимивме многу интересни интервјуа со неколку соговорници, кои беа долги и полни со информации, но на крајот можевме да искористиме само куси делови за филмот да биде подинамичен.

Во кои други организации членуваш?

Ема: Како волонтер работам во организацијата “reBooked“. Оваа организација е создадена од млади луѓе кои сакаат да читаат. Собираме донации на користени книги за деца кои ги продавеме по намалени цени преку интернет продавница и во физичка продавница. На овој начин на книгите им го продолжуваме животот и ги спасуваме од депониите, а истовремено на децата кои не можат секогаш да си дозволат нови книги им помагаме да имаат пристап до повеќе и поразновидни книги за читање.

Веќе една година сум член на Извршниот комитет на организацијата Лидери за Правда во која се залагаме за правата на бегалците во Хонг Конг. Во рамките на оваа организација за моите соученици организирав неколку работилници со експерти и практичари од светот како и бегалци кои живеат во Хонг Конг.

„Да се раскаже приказната на начин кој ќе биде поучен но во исто време и интересен не е воопшто лесно“
Фото: лична архива

Доколку понатаму продолжиш да се занимаваш со правење филмови, какви филмови сакаш да правиш, на кои теми, што би сакала да претставиш преку нив?

Ема: Мислам дека раскажувањето на приказни е начин да се развие емпатија за животната средина и да им се даде глас на оние кои не можат да зборуваат за себе. Затоа би сакала да продолжам да правам документарни филмови за заштита на животната средина и животните. Меѓутоа, би сакала да се обидам да направам и игран филм. Тоа ми е голем предизвик. Веќе работам на адаптација на една книга во сценарио.

 

 

Што сакаш да учиш понатаму?

Ема: Сакам да научам повеќе за филмската индустрија. Во Центарот за француски јазик и култура учам француски јазик што мислам дека ми отвора цело ново поле од филмската уметност. Сакам да научам како подобро да пишувам сценарија кои ќе бидат впечатливи и ќе влијаат гледачите да развијат поголема емпатија кон природата.

На младите би им порачала да бидат храбри и истрајни, и да го прават она во што веруваат. Уметноста може да се користи за да се сврти вниманието на луѓето кон проблемите и потребите за нови и креативни решенија. Мораме самите да преземеме одговорност и да почнеме да ги менуваме нештата. Никој не е премногу млад или мал за да направи промена.

„Живо море“ ја доби наградата најдобар ученички филм на овогодинешното издание на „Џифони“ во Македонија. На кои други фестивали е пријавен филмот и дали ова беше неговата прва награда?

Ема: Филмот го завршив во август оваа година и досега веќе е избран во официјалната селекција на повеќе од 15 фестивали, а има добиено и пет награди досега. Мојата најомилена награда е онаа што ја добив на фестивалот Џифони во Македонија каде што мојот филм беше избран за најдобар ученички филм. На фестивалот Фрајдеј Харбор во Вашингтон беше избран од публиката за најдобар студентски филм во категоријата 13-17 години, а на Инди Фест во Ла Хоја во Калифорнија доби две награди за значајни достигнувања – награда за млад режисер под 17 години како и награда за филм за природа/животна средина/диви животни во категоријата студентски филм. Исто така ја добив наградата за значајно достигнување во категоријата студентски филм на Светскиот филмски карневал во Сингапур. За мене можеби најзначајна е наградата од жирито на Авеарнес Филмскиот Фестивал во Лос Анџелес, Калифорнија, каде филмот беше избран за најдобар филм во категоријата за млади. Овој филмски фестивал е со мисија да промовира филмови за социјални теми.

Месецов „Живо море“ беше избран за финалист и номиниран за награда на филмскиот фестивал Анималис Фабула. Ќе биде прикажан премиерно во Остин, Тексас во рамките на филмскиот фестивал на 27 ноември.

Со кои други форми на креативно изразување се занимаваш?

Ема: Уште од мала многу ја сакам сцената. До сега имам учествувано во неколку детски театарски претстави, мјузикли, фестивали и уметнички проекти. Една од најомилените улоги до сега ми е на Херберт Питман, трет офицер во мјузиклот Титаник. Во моментот подготвувам божиќна претстава како дел од локална аматерска театарска група со возрасни актери. Сакам да бидам и пред камерите, a не само зад нив. Глумев во неколку емисии за деца на локалната телевизија, a во моментов учам како да бидам гласовен актер, да бидам гласот на анимирани ликови.

На каков вид натпревари имаш учествувано и со што?

Ема: Досега имам учествувано на неколку натпревари за пишување и фотографија. Мојот расказ беше избран меѓу најдобрите на фестивалот Карвекон во Америка, и како

Фото: лична архива

награда можев да одберам кој писател сакам да го прочита мојот расказ за публиката. Ја одбрав авторката Ерин Ентрада Кели (мојата омилена). Мојата фотографија за заканата од климатските промени доби второ место на натпревар во Хонг Конг во категоријата 5-12 години избрана од познат Хонгоншки фотограф за Нешенел Џеографик.
Исто учествувам и на спортски натпревари во теквондо и едрење. Учествувам и на Модел Обединети Нации натпревари, на локалниот меѓуучилишен натпревар Битка на книгите, и многу други.

Дали размислуваш/имаш некоја идеја за нов филм?

Ема: Веќе работам на куса анимација која е исто фокусирана на заштита на океанот и коралите од пластичен отпад. Неодамна основав и клуб за средношколци кои сакаат филм и го сакаат океанот. Заедно ќе се обидеме да го организираме првиот филмски фестивал во Хонг Конг на кој ќе се прикажуваат филмови поврзани со океанот направени од средношколци.

Ема најмногу сака да гледа филмови со суперхерои, а голем впечаток и има оставено и филмот „Honey Land“, што е првиот македонски филм кој го има гледано. Таа обожава да чита книги и во моментов ја чита „Ќерката на длабочините“, првата книга во нова серија од Рик Риордан која е современо продолжување на 20.000 милји под морето. Книгата е возбудлива авантура во морските длабочини.

Новости за филмот „Живо море“ може да следат на инстаграм профилот @makingwavesclub, додека препораките на Ема за книги за читање се достапни на @emabookclub. Ако сте заинтересирани за креативните активности на Ема, можете да ги следите преку нејзиниот инстаграм профил @emaphotostory.