„МакеДокс“ во потрага по млади за учество во петтата генерација на „Доникулци“

Резултатите за избраните учесници ќе бидат објавени до 20 јуни 2023 година

Сите млади на возраст од 14 до 18 години имаат рок до 15 јуни да се пријават за учество во петтата генерација на „Доникулци“, односно да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм што ја организира фестивалот за документарен филм „МакеДокс“.

„Бараме млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм“, информираат од „МакеДокс“.

Секое младо лице може да се пријави, така што ќе се сними себе си со телефон, веб-камера или на било кој друг начин, и преку видеото, кое не треба да е подолго од 5 минути, ќе треба да одговори на следниве прашања:

  1. Освен преку соништата, накој друг начин бегаш од секојдневието?
  2. Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто?
  3. Кое е твоето најрано сеќавање?
  4. Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?
  5. Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?
  6. Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?
  7. Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?

Видеата треба да се испратат на електронската пошта: [email protected] преку WeTransfer или да се прикачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, по што до организаторите треба да се испрати линкот и лозинката.

Резултатите за избраните учесници ќе бидат објавени до 20 јуни 2023 година. Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува во следниот период: јули 2023 (5 дена во природа), август 2023 (8 дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“) и 2 есенско-зимски сесии по договор (5-7 дена).

Учеството на работилницата е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени. Сите малолетни лица заинтересирани за учество ќе треба да достават и согласност од одговорен возрасен со која се одобрува учество на работилницата.