Како своевидна реткост во реализацијата на проектите од патната инфраструктура, новиот експресен пат Штип – Радовиш се гради побрзо од планираното. Досега се завршени околу 40% од градежните работи на идната траса долга 23 километри меѓу селото Софилари и рудникот „Бучим“. Оваа делница од идниот експресен пат ќе биде готова во текот на 2020 година, односно речиси една година порано од првичниот рок што беше предвиден за нејзиното завршување.
Австриската компанија „Страбаг“ во моментов изведува земјани и бетонски работи, канали, мостови и други сегменти од новиот патен правец. – Изведувачот не се соочува со поголеми проблеми, освен со одредени пропусти во проектната документација – изјавија за „Мета“ од Јавното претпријатие за државни патишта. Изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш започна пред помалку од една година, со првичен рок за изведба на работите од 3 години.
Во меѓувреме, ЈП за државни патишта ја заврши и тендерската постапка за избор на изведувач за втората фаза од реализацијата на експресниот пат Штип – Радовиш. Во следниве недели ќе се знае изведувачот на додатните 16,87 километри, на потегот од клучката Три чешми кај Штип до мостот на реката Брегалница и од рудникот „Бучим“ до влезот во Радовиш. Рокот за изведба на втората фаза е 2 години, што значи дека експресниот пат Штип – Радовиш ќе биде целосно готов во 2021 година.
По новиот експресен пат ќе се вози со максимална брзина до 110 километри на час, со по една коловозна лента од 3,5 метри и една лента за застанување од 2,5 метри во секој правец. За прв пат во Македонија, изведувачот на градежните работи ќе има обврска да го одржува новиот пат во период од 5 години по завршувањето на неговата изградба. Камен – темелникот за отпочнување со изведба на експресниот пат Штип – Радовиш беше поставен на почетокот од јуни 2018 година.