Еко-свест: Граѓаните имаат многу пречки за да ги користат обновливите извори на енергија

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје испратил отворено писмо до Владата и до институциите, со препораки кои би придонеле да се намалат и ублажат последиците од климатските промени и да се подобри квалитетот на воздух во државата

Фото: Мета.мк

Потребно е усогласување на законите и подзаконските акти со моменталните состојби со цел да се создаде овозможувачка околина за зголемено користење на обновливите извори на енергија од домаќинствата – процес кој ќе ја забрза енергетската транзиција и ќе ги ублажи последиците од климатските промени, велат од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје.

Центарот, заедно со Македонското здружение на млади правници, Институтот за економски и енергетски политики и истражувања, Македонската платформа против сиромаштија и Солар Македонија во периодот од ноември 2022 година до август 2023 година ги анализирале условите за поставување различни типови соларни системи на покривите на домовите. Тие испратиле отворено писмо до Владата и до институциите, со препораки кои би придонеле да се намалат и ублажат последиците од климатските промени и да се подобри квалитетот на воздух во државата.

„Целта на истражувањата беше да се пронајдат слабостите во правната рамка за инсталирање фотоволтаични системи и да се предложат конкретни измени со цел да се создаде овозможувачка околина за зголемено користење на обновливите извори на енергија од домаќинствата. Постојат сериозни пропусти во правната регулатива, неусогласеност на терминологијата со постоечките расположливи технологии и капацитети и неусогласеност со други релевантни закони и подзаконски акти кои се пречка за граѓаните да ги користат поволностите од обновливи извори на енергија“, вели Елена Николовска, програмски координатор за клима од Еко-свест.

Од Центарот додаваат дека потребно е да се направат измени на Правилникот за обновливи извори на енергија со цел фотонапонските системи да бидат исплатливи и привлечни за домаќинствата. Понатаму, истражувањето покажало дека треба да се промени формулата за вреднување на вишокот произведена електрична енергија на начин што откупната цена на вишокот на електрична енергија од фотонапонските систем да биде иста со цената по која домаќинствата ја купуваат електричната енергија од универзалниот снабдувач.

„Некои од клучните измени кои треба да се предвидат во законот за градење е постапка за поставување на други типови соларни системи како и воведување на обврска за задолжително поставување фотонапонска електроцентрала при изградба на нов објект, односно при реконструкција на објектите“, велат од Еко-свест.