Еко модна ревија за роденденот на Кралицата Елизабета: И модната индустрија влијае врз климатските промени

Фото: Британска амбасада - Скопје

Националниот ден на Обединетото Кралство – роденденот на Кралицата Елизабета Втора, Британската амбасада во Скопје го одбележа со одржлива еко модна ревија на тема животна средина, при што беше потенцирана посветеноста кон климатските промени и потребата од подигање на свеста за проблемите со цел да се мобилизира акција.

На модната ревија во Музејот на современа уметност во Скопје можеа да се видат осум креации на млади македонски дизајнери, кои беа дел од Конкурсот за одржлива мода што го започна Британската амбасада, а кој имаше за цел создавање на одржлива и еколошка облека за амбасадорката и заменик-амбасадорот кои тие ќе ги носат на прославата на 95 роденден на Кралицата.

Сите парчиња облека беа изработени од природни и рециклирани материјали со еколошки прифатливи техники на изработка.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј | Фото: Британска амбасада – Скопје

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј беше облечена во тоалета изработена од сатен, преработен од старо парче облека, со везови на суви лисја, во изработка на студентката Магдалена Димковска од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ. Димковска, заедно со Ева Таневска од Универзитетот ФОН, која го дизајнираше оделото на заменик-амбасадорот Доминик Отвеј, се победнички на распишаниот конкурс.

Амбасадорката Галовеј истакна дека Обединетото Кралство и Северна Македонија продолжуваат со зајакнување на билатералната соработка во борбата против климатските промени и ги поздрави амбициозните национални цели за енергетска одржливст.

„И покрај предизвиците, ѝ честитам на Северна Македонија за тоа што има толку амбициозни цели, бидејќи е важно земјата да се движи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои што нема да му наштетат на нејзиниот кревок екосистем, рече Галовеј.

„Обединетото Кралство силно ја поддржува Северна Македонија на овој пат кон одржлива енергија и почиста и позелена иднина“, додаде амбасадорката.

Таа порача дека младите и креативни индустрии се едни од клучните фактори за менување на ставовите кон одржлив начин на живот и го искажа своето воодушевување од креативноста на младите македонски дизајнери.

„Бев импресионирана од тоа колку беа креативни, истражуваќи за материјалите и процесот на производство, земајќи ги во предвид клучните принципи на циркуларната мода, за да не остават негативно влијание врз животната средина. Оддржливоста е важна за модата. Не само што спречува текстилната и модната индустријата да влијаат негативно на околината, туку создава нови зелени работни места и помага да се смени разговорот околу животната средина. Модата има влијание“, истакна Галовеј.

Одржливата модна ревија се случува во пресрет на Конференцијата на ООН за климатски промени, која во ноември треба да се одржи во Глазгов, Шкотска и која ќе биде одлучувачки момент за светот да се обедини и повторно да се посвети на целите за да се спречи катастрофално затоплување на планетата.

„Очекуваме светот да се собере и да покаже дека ќе ги исполни целите поставени во Париз пред пет години. Доколку не ги исполниме овие цели, тогаш температурите ќе пораснат за два степена и направената штета ќе биде непоправлива“, истакна амбасадорката Галовеј.

Министерот за животна средина Насер Нуредини | Фото: Британска амбасада – Скопје

На настанот се обрати и министерот за животна средина, Насер Нуредини, кој уште еднаш го повтори планот на државата  да се постигне 51 отсто намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година во однос на нивото од 1990 година.

„Ова не е прашање на амбиција, ова е прашање на неопходност и нешто што мора да се направи. Мислам дека во светот и во нашите животи стигнавме до точка во која ќе мора да направиме промени“, рече Нуредини.

Нуредини потсети и дека се очекува донесување на шест важни закони од областа на управување со отпадот, кои треба да направат позитивни промени и во оваа област.