fbpx

ЕК бележи прогрес во Извештајот за напредокот на Северна Македонија, граѓанското општество пофалено

-

Европската комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2020 година на патот кон зачленување во ЕУ нотира продолжение на реформите, кои се согледани во напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, вклучително и со активирање на постојните механизми на контрола преку дискусии и дебати за теми поврзани со клучните политики и законодавството.

„За време на периодот на известување, Собранието ја подобри својата улога како примарен форум за конструктивен политички дијалог и ги исполни своите законодавни функции, вклучително и со донесување клучни закони поврзани со ЕУ. Сепак, значителното зголемување на употребата на брзи постапки предизвикува загриженост и треба да се ограничи. Собранието работеше со поголема транспарентност и ги искористи своите надзорни функции, обновувајќи ги механизмите за контрола врз извршната власт“, посочуваат од ЕК во Извештајот во делот за работењето на Собранието на РСМ.

Граѓанското општество, според ЕК, останува активно и ја игра клучната улога во процесите на креирање политики и одлуки.

„Преземени се мерки за спроведување на Стратегијата и Акциски план 2018-2020 година за соработка помеѓу владата и граѓанското општество. Сепак, потребни се напори за да се обезбеди позначаен и навремен процес на консултации“, се вели во Извештајот за напредокот на Северна Македонија.

Во делот на јавната администрација, ЕК нотира дека земјава е умерено подготвена во однос на нејзината реформа.

„Постигнат е одреден напредок во подобрување на транспарентноста, со усвојување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, операционализација на порталот за отворени податоци на владата и објавување на податоци за владините трошоци. Извештаите за мониторинг за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии беа изготвени и придружени со соодветни видливи активности“, пишува во Извештајот на ЕК.

Сепак, во делот на реформите на јавната администрација, ЕК вели дека од суштинско значење е да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност. Воедно, тие бараат да се обезбеди соодветно следење на извештаите и препораките на Државната комисија за спречување на корупција.

Во однос на судскиот систем, од ЕК нотираат дека имало добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформи во судството, притоа имајќи ги предвид  „Итните реформски приоритети“ и препораките од Венецијанската комисија и Групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото.

„Сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план на стратегијата за реформи во судството. Судските институции спроведуваат нови правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување на судии, а Судскиот совет попроактивно ја извршува својата улога“, се наведува во Извештајот на ЕК.

Како резултат на остварените реформски напори во последниве години, Северна Македонија воспоставила механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за назначувања врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси и дисциплински постапки, нотираат од ЕК.

„Ефективното спроведување на законската рамка, како и зголемените напори на сите чинители да дадат позитивен пример ќе придонесе за зголемување на довербата на јавноста“, пишува во Извештајот.

Што се однесува до борбата против корупција, Северна Македонија е умерено подготвена. ЕК нотира дека постигнат е добар напредок преку консолидирање на своето досие во истрагата, гонењето и судењето случаи на висока корупција. Државната комисија за спречување корупција е особено проактивна во спречувањето корупција и отвори голем број случаи, меѓу кои и такви што вклучуваат високи функционери од целиот политички спектар, во согласност со минатогодишната препорака.

„Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувато и борба против корупцијата“, се вели во Извештајот на ЕК.

Во однос на борбата против организираниот криминал, се наведува дека земјава преку канцеларијата за враќање на имот ќе мора да го покаже својот капацитет за поддршка на проактивната политика за конфискација на имот. Земјата е вклучена во проценка на закана на регионално ниво и ќе мора да го прошири својот опсег во согласност со практиките на ЕУ.

„Има одреден напредок на оперативно ниво, но треба да се стори повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против специфични форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Соработката со Европол се зголемува во различни области од сферата на криминалот. Координацијата останува клучна меѓу сите чинители вклучени во борбата против организираниот криминал“, се нотира во Извештајот на ЕК.

Од ЕК посебно го акцентираат третманот на притворените и осудени лица, каде се потребни дополнителни напори за спроведување на препораките на европските и меѓународните тела за човекови права.

„Земјата треба да преземе итни мерки за понатамошно подобрување на состојбата во затворите и за поддршка на алтернативите на притворот“, се укажува јасно во Извештајот на ЕК.

Одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација поради процедурални причини значи дека земјата во моментов нема сеопфатна законска рамка за недискриминација и тело за еднаквост, се посочува во Извештајот. Овој сериозен јаз треба да го реши новиот законодавен дом. Исто така, важно е за земјата да го зајакне спроведувањето на законодавството за говорот на омраза и националниот план за акција за спроведување на Истанбулската конвенција.

Во однос на регионалната соработка, ЕК смета дека е важно да се продолжи со имплементација на билатерални договори, вклучително и договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...