Фото: Ванчо Џамбаски

Против проблемот со дезинформациите на меѓународен план најдобро може да се бориме само обединети, проверувачите на факти од целиот свет треба да комуницираат постојано и да соработуваат, оти инфодемијата е глобален феномен а количеството дезинформации е огромна. Затоа и ја формиравме Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN), за да се обединиме и да си помагаме. Така, сега имаме и база со 90.000 направени проверки на факти од целиот свет, истакна Ферди Ферхат Озсој, програмски менаџер во IFCN во денешната дискусија насловена „Дезинформации и закана за демократијата“.

Дискусијата беше претпоследниот настан од годинашната 17-та меѓународна конференција „е-Општество.мк“ во организација на Фондацијата „Метаморфозис“, која заврши денеска.

На 4-дневната конференција се зборуваше за дигиталната трансформација, отворените податоци и нивната важност за демократскиот развој, како и за дигиталната безбедност. Меѓу главните теми беа и ширењето на дезинформациите и начините за борба против нив, како и за подобрување на медиумската писменост и критичкото мислење.

Потребата да се вклучат повеќе чинители во борбата против ширењето на дезинформациите, коешто со пандемијата на ковид-19 станува огромен проблем и јасно да се дефинираат насоки за справување на дезинформациите ја истакна и водителот на дискусијата, Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси на „Метаморфозис“.

Во дискусијата своите и искуствата на организациите што ги претставуваат, како и препораки за поефикасно справување со дезинформациите покрај Озсој и Стојановски, изнесоа и Алчео Смерили од Работната група на Западен Балкан (StratCom Western Balkans Task Force) при Европската служба за надворешно дејствување, како и Ана Јеше Перкович од Центар за европска перспектива (CEP) од Љубљана. За истото зборуваа и Иван Сигал, извршен директор на „Глобал Војсис“ и Владимир Петрески, уредник на Вистиномер.мк.

Сите говорници во дискусијата посебно го одбележаа проблемот со политичките центри, држави и државно-спонзорирани актери што поттикнуваат ширење на дезинформации, во еден обид да се поткопаат демократските општества.

Но без разлика од каде доаѓаат дезинформациите и со која цел, потребен е пристап за справување со нив што ќе го опфати целото општество, а тоа подразбира и работење на властите да ја засилат довербата на граѓаните во нив преку транспарентност и отчетност, за да бидат сериозно сфатени во нивниот обид да се зауздаат дезинформациите. Но неопходно е и развивање на медиумската писменост и на професионалното новинарство, а клучна улога имаат и граѓанските организации, истакнаа говорниците.

Според Перкович, проблемот со дезинформациите на Западен Балкан е посебно изразен, а причините за тоа можеби би можеле да се бараат и поради хроничната недоверба на граѓаните во властите, поради лошата транзиците во цела Источна Европа, генерално, па општествата не се отпорни на дезинформации.

„Кога зборуваме за дезинформациите и влијанието на демократскиот амбиент, прашање е како да ги направиме општествата многу потпорни на дезинформации. Еден фактор е образованието, втора е медиумска писменост, но секако ни треба повеќе професионално новинарство. Антиваксерските дезинформации бараат цело-општествен пристап, значи и властите треба да играат улога, но во оние земји каде довербата во нив е слаба, посебно важна улога треба да играат граѓанските организации“, истакна таа.

Според уредникот на Вистиномер.мк, проблемот на политичките фактори во дезинформациите е јасно видлив.

„Многу земји сега имаат дезинформациски мрежи и и тие често имаат политичка поддршка, понекогаш силна поддршка од владата. И ние бевме жртви на такви напади, тие беа многу силни, ни се закануваа со најразлични работи… Имаше денови кога ќе дојдев на работа и ќе видев 50 напади на социјални мрежи. Тие напади продолжија кога почнавме соработка со социјалните медиуми. Не обвинуваа за цензура, имаше закани за протест пред нашиот објект, тоа се луѓе со кои се тешко зборува, оти се дел од тие политички мотивирани дезинформациски мрежи“, образложи Петрески.

Сепак, вели тој, и во широкиот пристап на различни фактори за справување со дезинформациите, една работа е клучна – колку повеќе се шират дезинформациите, толку повеќе проверувачите на факти треба да одговорат со аргументи што ја претставуваат вистината наспротив дезинформациите.

„Прва работа е упорноста – колку дезинформации да се пласираат, ние треба уште повеќе проверки на факти да правиме, за да спречиме дезинформациските мрежи да станат мејнстрим. Втората работа е да се биде мудар, да се градат заедници на проверувачи на факти, но и да се работи на медиумската писменост“, порача уредникот на Вистиномер.мк.