fbpx

ДУИ: Општина Тетово со милионски тендери ги наградила фирмите на семејството Бајрами, блиски со Движењето Беса

Овие фирми добиле тендери исклучиво од Општина Тетово и од ниту една друга институција. Уште поинтересен е фактот што две од овие фирми имаат само по еден вработен, а на тендери добиле милиони евра, велат од ДУИ, по пишувањата на Порталб.мк

-

Општина Тетово со милионски тендери ги наградила фирмите на семејството Бајрами кои се блиски до раководството на оваа општина и на Движењето Беса. Ова беше реакцијата на Демократската унија за интеграција денес во врска со случајот за милионските тендери на општина Тетово доделени на три фирми: Еко-Пеу, Ереу-Транс и Мујо Бајрами, за кои објави Порталб.мк пред два дена.

Милионски тендери од општина Тетово за фирми на семејството Бајрами

Од ДУИ потенцираат дека милиони евра од буџетот на Општина Тетово се слеани на сметките на трите фирми Еко-Пеу, Ереу-Транс и Мујо-Бајрами кои се во сопственост на семејството Бајрами.

„Овие фирми добиле тендери исклучиво од Општина Тетово и од ниту една друга институција. Уште поинтересен е фактот што две од овие фирми имаат само по еден вработен, а на тендери добиле милиони евра. Сомнежите се уште поголеми и поради тоа што овие фирми се регистрирани за сосема различни дејности од работата што според договорот потпишан меѓу нив и Општина Тетово се обврзани да ја вршат “, велат од ДУИ.

Тие нагласуваат дека сопствениците и членовите на блиските семејства на овие фирми не ја кријат поврзаноста што ја имаат со раководството на Општина Тетово и Движењето Беса објавувајќи фотографии од различни партиски собири.

„Работата оди уште подалеку кога се знае дека актуелниот раководител за урбанизам во општина Тетово е член на семејството и пријател на сопствениците на горенаведените фирми и претходно бил вработен во истата фирма која сега добива милионски тендери од Општина Тетово“, соопштија од ДУИ.

Тие ја обвинија општината за злоупотреба и за наградување на партиски милитанти, а апелираа до Обвинителството и до Комисијата за спречување на корупцијата да ги истражат овие случаи.

Порталб.мк пред два дена објави податоци за доделените тендери.

Од 2021 година до денес кај три тетовски фирми од мрежата  на семејството Бајрами завршиле милионски тендери од општина Тетово. Станува збор за две фирми основани непосредно пред локалните избори во 2021 година и кои имаат само по еден вработен: Друштвото за туризам, угостителство и услуги „Еко-Пеу ДООЕЛ Тетово“, Друштвото за градежништво, транспорт, трговија и услуги „Ереу-Транс“, како и Друштвото за градежништво, транспорт, трговија и услуги „Мујо-Бајрами“ основано во 2011 година. Според Електронскиот систем за јавни набавки овие фирми се добитнички на тендери исклучиво од општина Тетово. Вкупно вредноста на договорите на Општина Тетово со овие три фирми е над 182 милиони денари, или околу три милиони евра. Во инфографиците во продолжение дадени се повеќе детали.

Во врска со овие тендери, од Општина Тетово за Порталб.мк изјавија дека изборот е направен според важечките закони.

„Изборот е направен врз основа на критериумите кои се во согласност со Законот за градба и критериумите од законот за добивање Лиценца за изведувач на градежните работи за која е потребно да се има минимум 2 инженери со овластување Б и минимум 5 вработени и по е-аукцијата е избрана најповолната понуда по најевтина цена, при што за секоја постапка за набавка има најмалку пет понудувачи“, изјавија од општина Тетово.

За Порталб.мк градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, ја отфрли можноста за злоупотреба.

„Сите тие тендери се доделени врз основа на процедури утврдени со закон и мониторирани од Бирото за јавни набавки, доколку имаше нешто сомнително и обвинителството и Државниот завод за ревизија ќе беа пред вратите на општина Тетово, како што и се секој ден за други процедури. Ја користам оваа прилика да и пренесам и на  Државниот завод за ревизија и на Обвинителството и на секој кој може да има сомнежи за злоупотреба, дека општина Тетово е отворена за соработка“, рече Касами.

Новинар: Фисник Џелили

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...