fbpx

Државниот завод за индустриска сопственост не е запознаен со забелешките на Европската комисија

Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) не бил запознаен со забелешките на ЕК за несоодветното функционирање на координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост. Порталб.мк побара изјава од овој субјект кој е надлежен за ова прашање, а оотаму побараа попрецизно да се информираат за овие забелешки

-

Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) не бил запознаен со забелешките на Европската комисија за несоодветното функционирање на координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост. Порталб.мк побара изјава од овој субјект кој е надлежен за ова прашање, но оттаму првично одговорија со барање за попрецизно да се информираат за овие забелешки, додавајќи дека овие критики не биле спомнати ниту на скринингот.

„Во однос на прашањето што ни беше поставено, би ве замолиле да нè информирате кои се забелешките на Европската комисија. Ние бевме присутни на скринингот и не ни беа упатени забелешките на кои вие реферирате“, ни рекоа од ДЗИС.

Порталб.мк на ДЗИС му испрати фото-принтскрин од Извештајот, каде што се подвлечени забелешките на ЕК за постоењето на координативното тело кое не се занимава со главните предизвици во ова област.

Забелешките на ЕК

По ова, од ДЗИС наместо да го појаснат ставот за забелешките на ЕК испратија извештај за својата работа, функцијата на координативното тело и неговиот состав, работа и справување со клучните предизвици, притоа игнорирајќи ги и не одговарајќи на забелешките на Европската комисија.

„Главната функција на ова тело е преземање мерки за борба против пиратеријата и фалсификувањето со цел да се постигне степен на заштита на интелектуалната сопственост во согласност со приоритетите во поглавјето 7: „Правото на интелектуална сопственост“, се вели во одговорот на ДЗИС како појаснување на функцијата и составот на ова координативно тело.

Тие понатаму кажуваат за учеството во организацијата и реализацијата на јавното уништување на одземените пиратски и фалсификувани предмети за кои, како што велат, има правосилни судски одлуки.

„Координативното тело за интелектуална сопственост во текот на 2022 година одржа шест седници за тековните и идните активности на телото, на кои беа планирани и организирани координирани акции со цел елиминирање на предусловите за натамошно тргување со фалсификувани или пиратски производи, како една од улогите на Координативното тело за заштита на правата на интелектуална сопственост, а постигнат е и договор за спроведување на теренски инспекции на членовите на Координативното тело кои имаат овластување да преземат мерки при констатирање на повреда на правата на индустриска сопственост против прекршителите на оние права“, се вели во одговорот на ДЗИС, а кое се однесува на инспекциските контроли на правните лица.

Меѓутоа, од ДЗИС не кажаа ништо за извештајот на ЕК за изминатата година, на кој беше истакнато дека треба да се усогласи законодавството за индустриска сопственост, особено со Директивата за имплементација и Директивата за трговски тајни.

„Што се однесува на имплементацијата, поставена е информативната платформа за органите на прогонот за размена на податоци поврзани со правата на интелектуална сопственост, но таа мора да биде функционална за да се обезбеди целосен преглед на институционалниот третман на повредите на правата на интелектуална сопственост. Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост постои, но сè уште не ги решило главните предизвици поврзани со правата на интелектуална сопственост. Царинската управа го задржала нивото на конфискација на фалсификувана стока, главно од Турција“, се вели во извештајот на ЕК.

Во поглавјата 4, 6 и 7 од вториот Кластер за усогласување на законодавството на земјата со она на ЕУ, за разлика од првите три поглавја од овој кластер, односно во две од нив степенот на подготвеност на земјата во Извештајот на ЕК е оценет како просечен, додека пак во едно поглавје е оценет со добро ниво на подготвеност, но несомнено е дека не недостигаат критики, понекогаш остри, а понекогаш дипломатски, за доцнењето на реформите. Во некои поглавја, се бара итно спроведување на законодавството. Исто така, се потенцира дека иако постои координативно тело за заштита на интелектуалната сопственост, тоа не се справува со главните предизвици на ова област.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...