Државниот инспекторат за животна средина не го пронајде лавчето Симба во „Парк Хотел“

фото: Социјални мрежи, Тик Ток, Фејсбук

Во координација со надлежните институции инспектори од Државниот инспекторат за животна средина само што заврши со инспекција во објектот на „Парк Хотел“ покрај кејот на Вардар.

Надлежниот инспектор кој бил на увид во овој скопски хотел со пет ѕвездички за Мета изјави дека лавчето Симба не се наоѓа на оваа локација.

„Увидот само што заврши и можам да ви кажам дека по деталната инспекција увидовме дека во просториите на објектот на хотелот нема лавче. Инспекцијата во овој објект беше одредена бидејќи имавме дојави дека лавчето е забележано на фотографии направени тука“, изјави инспекторот Пејо Кировски.

Тој додаде дека инспекторатот ќе продолжи со истрагата во координација со надлежните институции и дека детално се анализираат социјалните мрежи на кои се поставени фотографии и видеа со лавче.

Мета сè уште не доби официјални информации за шверцот со лавчиња од министерството за внатрешни работи кој вчера во јавноста го обелоденија активистката за права на животните Тина Мицковска и Анима Мунди – здужението за заштита на животни.