Достапни две нови апликации за спречување на сајбер насилство и зајакнување на сајбер безбедноста

Станува збор за апликациите „БезбеденИнтернет“ и „CyberBullying“ кои веќе се достапни за преземање од продавницата за апликации „Гугл Плеј“

Photo by Rob Hampson on Unsplash

„Аналитика“ објави две нови мобилни апликации чија цел е да понудат решенија за сајбер насилството и сајбер безбедноста кај младите.

Првата апликација насловена „БезбеденИнтернет“ е дизајнирана за да ја подобри свеста за сајбер безбедноста и да им обезбеди на корисниците практични совети и алатки за да се заштитат од онлајн закани.

„Од безбедно управување со лозинки до практики за безбедно прелистување, ‘БезбеденИнтернет’ ги опремува корисниците со основни знаења и вештини за сајбер безбедноста, поттикнувајќи побезбедна онлајн средина за сите. На овој начин, Аналитика има за цел да поттикне култура на дигитална писменост и одговорно онлајн однесување кај младината“, велат од „Аналитика“.

Апликацијата „CyberBullying“, пак, е дизајнирана да одговори на растечката загриженост за појавата на сајбер насилство. Оваа апликација, со функции како што се механизми и ресурси за пријавување на жртвите, механизми за известување за навредлива содржина и пристап до ресурси за поддршка, им дава овластување на учениците да преземаат проактивни чекори во борбата против онлајн насилството и да промовираат култура на љубезност и почит на интернет.

„Социјалниот живот на нашата младина е префрлен на социјалните мрежи, но тие во голема мера не се свесни за ризиците кои ги имаат социјалните мрежи како што се: сајбер булинг, споделување на приватни податоци, итн. Во денешното дигитално доба, каде технологијата продира во секој аспект од нашите животи, обезбедувањето онлајн безбедност и промовирањето одговорно дигитално граѓанство станаа најважни. Во ваква реалност, станува императив да ги опремиме младите со знаење и вештини за безбедна навигација низ дигиталниот свет“, велат од „Аналитика“.

Апликациите се достапни за преземање од продавницата за апликации „Гугл Плеј“ на овие линкови: БезбеденИнтернет и CyberBullying.