Фото: Арбнора Мемети

На само три километри од центарот на Скопје, се наоѓа една од најзагадените населби во државата. Помеѓу општина Бутел и Шуто Оризари е населбата Визбегово која географски е позиционирана во депонија.

Фото: Арбнора Мемети

Почнувајќи од почетокот на населбата па сè до крајот, речиси секоја куќа и секој агол е полн со ѓубре и кучиња скитници. Овде отпад фрлаат и самите жители, но и комуналното претпријатие од општината Шуто Оризари, но и многу други.

Младите од оваа населба, депонијата ја гледаат како место каде што можат да остварат профит. Тие, секој ден со коњи и други моторни возила одат да селектираат отпад. Обично собираат пластика, но честопати наоѓат и железо и бакар.

Фото: Арбнора Мемети

Утрото кога ја посетивме депонијата не изгледаше дека денот ќе биде многу различен од другите „нормални“ денови во оваа населба.

Една гурпа на млади со запрежна кола, а друга со адаптирана количка монтирана на мопед се движеа паралелно кон депонијата.

Но тој ден, кај што редовно одеа да собираат отпад, сега имаше десетици новинари и камери кои чекаа изјави, а недалеку од нив 4 камиони чекаа багерите кои стоеа веднаш до нив да ги наполнат со отпад од депонијата.

Фото: Арбнора Мемети

И покрај тоа што беа изненадени од ваквата неочекувана глетка, тие продолжија понатаму. Мораа да го сторат она за што беа тргнати.

Сепак, откако забележаа дека багерите почнаа да го собираат отпад од кои тие живеат, разочарани го напуштија местото на злосторот.

“Ние тука собираме секој ден пластика, од ова живееме”, вели еден од младите кои се обидуваше да го спречи багерoт додека го собиреше ѓубрето.

Фото: Арбнора Мемети

Додека Министерот за животна средина зборуваше пред новинарите и камерите дека е дадена наредба да се расчисти ридот, а на негово место да се направи парк, на само десетина метри од отстрана се издигаше црн чад.

Фото: Арбнора Мемети

Како што се приближивме до чадот, го сретнавме семејството кое беше одговорно за оганот. Всушност тој гореше веднаш до нивниот дом, среде депонија. Присутните членови на семејството се обидуваа да го изгасат оганот, кој со кофа, кој со пластично шише.

Фото: Арбнора Мемети

Побаравме објаснување од семејството зошто го прават тоа, а тие одговорија дека се принудени на такво нешто. Според домаќинот, и покрај тоа што плаќат комунални услуги, ѓубрето од таа населба не се собира. Па затоа, според нив, најдобриот начин за да се спасат од ѓубрето е да го запалат.

Фото: Арбнора Мемети

Проблемот со дивите депонии во оваа населба е нешто што се провлекува со години.

Фото: Арбнора Мемети

Овој пат, меѓу граѓаните има и оптимисти, кои очекуваат дека властите конечно ќе го справат со овој проблем на долг рок.