До 10.000 евра поддршка за дигитални решенија за справување со последиците од корона вирусот

Креативни алатки и решенија за онлајн и интерактивни активности или анимација наменети за различни категории на граѓани се предлог проекти со кои може да се аплицира на новиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој – Креатон, информираат од фондот. Аплицирањето почнува денес, а рокот за поднесување на предлог проектите е до 22 март, до 23:59 часот.

– Ги поттикнуваме и практично ќе ги поддржиме сите што сакаат да дадат придонес во полесно надминување на оваа ситуација. Воведувањето, пред сѐ, на дигиталните алатки може реално да им помогне не само на многу граѓани и компании, туку и на многу институции како да станат поефикасни и со помал број на вработени да функционираат еднакво ефикасно – рече директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Предлог решенијата треба да се имплементираат во кус рок, но треба да бидат применливи и во нормални услови, по прекинот на превентивните мерки поврзани со КОВИД – 19 вирусот, како придонес кон забрзана дигитализација на општеството. Проектите, меѓу другото, може да опфатат решенија за полесно следење и ажурирање на информациите од властите поврзани со корона вирусот и превентивните мерки, решенија за справување со ширење на лажни вести, дигитални платформи и училници, решенија за квалитетно искористување на слободното време во домот, дигитални книжарници, игри, поврзување и натпревари, учење на странски јазици, квизови, решенија за надзор/консултација на медицински персонал со болни лица.

Денес објавениот повик е прва од иницијативите на Фондот за справување со последиците од корона вирусот. Вкупниот буџет за предизвикот изнесува 10 милиони денари, со максимален износ по апликација од 10.000,00 евра во денарска противвредност. На предизвикот може да учествуваат поединци, групи, организации и компании кои сметаат дека може да дадат креативен придонес во остварување на овие цели. Повикот се реализира во соработка со Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, МАСИТ и други партнери/експерти.

Во првата фаза треба да се достават само предлог концепти. Евалуацијата на пристигнатите предлог – проекти (концепти) ќе ја врши Комисија за избор. По првата фаза, сите предселектирани идеи ќе имаат рок од 48 часа да изработат детален план на активности и предлог буџет. Апликантите чии предлог проекти (концепти) ќе бидат избрани во фазата на финална селекција ќе имаат обврска да подготват јавна презентација на предлогот пред Комисијата.