fbpx

Џафери со амбасадорите: Изборот на нова влада е приоритет број 1 на Собранието

-

Враќањето на кредибилитетот на Собранието, изборот на нова влада и решавањето на проблемот со локалните избори биле главни теми на денешната средба на новоизбраниот претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во земјава.

Како што соопштуваат од кабинетот на Џафери, повеќе амбасадори, со конкретни прашања, на средбата се интересирале за приоритетите во работата на Собранието, за односот позиција – опозиција, отвореноста на законодавниот дом кон граѓаните и кон јавноста и за подготвеноста за продлабочување на соработката со невладиниот сектор.

Џафери истакнал дека приоритет е изборот на новата влада, при што очекува претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да го почитува Уставот, „бидејќи станува збор за институционални обврски, а не за прашање на лична волја“. Следните чекори во работата на Собранието, додал новоизбраниот спикер, ќе бидат во контекст на формирањето на собраниските комисии, бидејќи тоа е услов за да се распишат локалните избори.

– За итноста и за сериозноста на ова прашање се известени лидерите на парламентарните партии и штом ќе биде постигнат договор, веднаш ќе биде свикана седница на Собранието – рекол Џафери.

Осврнувајќи се на очекувањата на домашната и на меѓународната јавност за потребата од враќање на кредибилитетот на Собранието, Џафери истакнал дека тој лично ќе се заложи таа перцепција да се промени, но и дека е потребен активен ангажман на сите 120 пратеници.

– Секако, тоа не може да се случи преку ноќ и, покрај личната заложба, потребен е активен ангажман на сите 120 пратеници. Инаку, јас лично, и во оваа пригода, сакам да го повторам мојот став и уверување дека Собранието мора да биде максимално отворено и кооперативно со граѓаните, со невладиниот сектор и со медиумите – нагласил Џафери.

Тој на почетокот на средбата изразил благодарност за поддршката што институциите на ЕУ и на земјите членки поединечно ја дадоа на неговиот избор за претседател на Собранието на Република Македонија, подвлекувајќи дека „останува на својата лична определба да биде претседател на сите граѓани и на сите пратеници, почитувајќи ги Уставот и деловникот на Собранието“.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, ја поздравил посетата на Џафери на Брисел и средбите со високите претставници на ЕУ и истакнал дека Унијата очекува брзо формирање на новата влада и враќање на Македонија на евроатлантските процеси, кои подразбираат продолжување на реформите.

Инаку, Џафери денеска се сретна со амбасадорите на  Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Италија, Словачка, Холандија, Полска, Романија, Словенија и на Обединетото Кралство и со претставници на француската,  германската, грчката, шпанската и на шведската амбасада во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...