Девојката што почина од ковид-19 на 24 годишна возраст, немала други болести

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје | Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Пациентката на 24 годишна возраст која денеска почина на Клиниката за инфективни болести, немала никакви претходни хронични заболувања, вели директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Милена Стевановиќ. Ова е прв случај олку млад пациент да ја загуби битката со ковид-19.

– Пациентката имала покачена телесна температура, изразена малаксаност, кашлица и отежнато дишење. Била лекувана една недела од матичен лекар, со инфузиони раствори во тек на четири дена, но поради опстојување на тегобите се јавила во болницата во Тетово. Направен е тест и е добиен позитивен наод. Пациентката е хоспитализирана во болницата. Потоа, со тешка клиничка слика е префрлена на нашата клиника, со ниска сатурација и отежнато дишење. Во текот на лекувањето на клиниката се применети сите можности за лекување, по што се забележа извесно подобрување, но краткотрајно со наредно влошување и клинички знаци за срцева слабост и белодоробна тромбоемболија. И покрај преземените мерки за лекување во тесна соработка со кардиолог, пациентката подлегна на болеста – информира директорката.

Таа додава дека за пациентката нема пријавен податок за претходни хронични заболувања.