Десетици граѓани утринава го одбележаа празникот Водици во црквата Рожденство на Богородица (галерија)

Иако поради пандемијата со ковид-19 нема традиционално одбележување на верскиот празник Богојавление Водици со фрлање на крст во реката Вардар, сепак утринава десетици граѓани се собраа во црквата на Рождеството на Богородица во Скопје.

Со заштитни маски, но без дистанца граѓаните, едни до други стојеа додека поглаварот на Македонската Православна Црква, г.г Стефан ја одржуваше литургијата.

Дел од присутните ги вадеа заштитни маски при обредите, а можеа да се забележат и дел од свештените лица кои не носеа заштита на лицето.

По утринската литургија и во текот на денот повеќе верници од главниот град се упатуваат во црквата на Рождеството на Богородица да го одбележат празникот.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера упати апел до верските заедници и граѓаните да ги почитуваат мерките за претстојниот празник Водици. Како што најави тој, за време на празникот полицијата ќе биде со зголемени активности, односно организирани се посебни планови за да се спречат групирања.