fbpx

Политичарите со честитки по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици

Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст

-

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кога, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

Честитки по повод големиот христијански празник упати претседателот на државата Стево Пендаровски.

„И годинава на големиот празник повторно ќе ја посведочиме светата тајна на крштевањето. На величествените собири покрај нашите води, како што се полни бреговите со верници така и нашите срца да бидат исполнети со вера, надеж и љубов. Нека Богојавление – Водици ни даде сила, смирение и добра мисла за да се соочиме со сите искушенија кои ни претстојат во годината која штотуку започна и заеднички да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите наши граѓани“, порача Пендаровски.

И претседателот на Собранието Талат Џафери им го честиташе празникот на припадниците на православна вероисповед.

„Нека водата која дава живот, која храни и негува, расте и развива, протече лесно и брзо. Нека биде бистра и моќна. Нека биде силата која ќе не обедини како граѓани, како соседи, пријатели и соработници. Да бидеме заедно и едногласни, придонесувајќи за целта која ја посакуваме и заслужуваме – Република Северна Македонија, напредна, успешна и полноправна членка на европското семејство на народи. Нека овој празник ги растера темните и неизвесни облаци, нека ги облагороди мислите и поттикне солидарност, сочувство и искреност во секој од нас“, се вели во честитката на Џафери.

Празникот го честитка и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој рече дека како „народ денес сме соочени со мрачни и тешки премрежија кои ги рушат нашите традиционални вредности кои низ вековите не одржале“.

„Но, тука се и човечките слабости на корупција и криминал, кои ги разјадуваат темелите на нашата држава, на нашиот заеднички дом. Овие проблеми, како никогаш до сега, се закануваат на нашиот опстој и затоа мораме да бидеме единствени и одлучни да им се спротивставиме. Тие се изворот на сиромаштијата, бесперспективноста и целосниот распад на системот во Македонија и потребна ќе ни биде голема мудрост, сплотеност и истрајност тоа зло да го победиме. Со добри дела и со силна волја можеме да ја вратиме надежта за посветла иднина и да градиме подобра Македонија за нас и за нашите идни поколенија, вели Мицкоски во честитката.

Премиерот Димитар Ковачевски ќе присуствува на одбележувањето на големиот христијански празник, Богојавление- Водици, во Скопје заедно со министeрот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...