Денеска завршува Мобил Фестивал 2021 со доделување на филмските награди

Фото: Мобил Фестивал

Дванаесетото издание на фестивалот кој ја вреднува уметноста на креирање филм со помош на камера од мобилен телефон „Мобил Фестивал“ завршува вечерва во 18 часот во Кинотеката на Северна Македонија со финално проектирање на селектираните филмови и доделување на наградите за нив.

Годинешната програма на фестивалот ја сочинуваа 41 филм од 27 земји. Фестивалот се одржа под мотото „Филмот продолжува“, се одржуваше во хибридна форма од 25 ноември до 1 декември – онлајн на VoD платформата Cinesquare.net и во Кинотека на Северна Македонија. Сите филмови се бесплатни за гледање.

Селекцискиот процес за најдобри филмови се изврши во четири категории од страна на тричлена жири комисија која ја сочинуваат Митко Панов, претседател, Гоце Господиновски и Александар Трајковски како членови.

Првата категорија, најдобар филм ја краси наградата „Ратка Илиевска – Лале“ што годинава ја доби филмот „Дамата со гулабите“ од Џулија Брацале, Италија. Во втората категорија, за најинвентивен филм беше прогласен филмот „Микси“ на Џотсна Путран од Индија. Најоригиналната приказна припаѓа на Серхио М. Виљар, Шпанија со филмот „Море“, а неговиот сонародник Пако Леон доби специјално признание за филмот со наслов „Сосед“.

Овој проект е поддржан од Град Скопје, а организатор е продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“.