Денеска се одбележуваат 28 години од постоењето на детската амбасада „Меѓаши“

Денеска се навршуваат 28 години од оформувањето на Детската амбасада Меѓаши. Формирана е на 29 април 1992 година во Скопје како меѓународна граѓанска организација за заштита на правата на детето.

„Во ова чудно време-невреме би сакале да ја споделиме со вас радоста за нашата 28-годишнина на многу години исполнети со работа и активности во секакви околности, години посветени на помош на деца кои страдаат, години со тага, но и исполнетост што можеме да бидеме поддршка. Зад нас се години и години работа. Поголеми или помали, кризите се составен дел од нашата историја, а за оној кој страда или има потреба од помош, не постои помала или поголема криза“ – велат од Детската амбасада.

Поради вонредно настанатата состојба со коронавирусот, Меѓаши ја промовираше платформата на тема „Заедно дома“, чија тема е квалитетно поминато време со децата во услови на пандемија. Преку Фејсбук групата младите, децата и родителите се поттикнуваат на споделување игри, учења, хумор, песни, цртежи, кратки видеа, фотографии и слично.

Мисијата на Меѓаши е да ги застапува и заштитува правата на децата, да поттикнува одговорно родителство и почит на детската личност, да го зајакнува граѓанското движење за правата на децата, детското учество и да се залага за функционалност на институциите во најдобар интерес на детето. Амбасадата воедно го промовира мировното образование, развивајки активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство и ги подржува раличностите и еднаквите можности за сите.