Со закон се предлага децата-жртви на насилство да имаат можност за обесштетување

Со предлог законот се овозможува воедначување на системот на правна помош спрема децата, зајакнување на заштитата на децата кои се жртви и сведоци во кривичните постапки, а се внесуваат и процедурални одредби во однос на текот на судската постапка спрема децата и главниот претрес

Image by Alexa from Pixabay

Со текстот на Предлог-законот за правда за децата, кој беше утврден на владина седница, за првпат децата-жртви ќе имаат можност на право за обештетување.

Од Министерството за правда соопштуваат дека со членот 151 од овој закон, се утврдува дека заради обесштетување на дете кое е жртва или е оштетено со дејствие кое со закон е предвидено како кривичнo делo на насилство и на други акти на индивидуално или групно насилство, ќе се издвојуваат средства во рамките на буџетот на Министерството за правда.

„Основна цел на законот чиј предлагач е Министерството за правда е остварување на најдобриот интерес на детето. Со него се врши усогласување со директивите на ЕУ што се однесуваат на процедурална заштита на децата кои се осомничени или обвинети во кривичната постапка и за утврдување минимални стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите на криминал“, велат од Министерството.

Со предлог законот се овозможува воедначување на системот на правна помош спрема децата, зајакнување на заштитата на децата кои се жртви и сведоци во кривичните постапки, а се внесуваат и процедурални одредби во однос на текот на судската постапка спрема децата и главниот претрес.

Од Министерството велат дека овој предлог ќе носи и зајакнување на механизмите за превенција на детското престапништво на локално и централно ниво, како и институционално, материјално и функционално зајакнување на Државниот совет за превенција на детското престапништво.

Основна карактеристика на Законот за правда за децата е воведувањето и уредувањето на ресторативна правда, односно вонсудски постапки за дејствие на дете што со закон е предвидено како кривично дело или прекршок.