Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Нема друг излез од ситуацијава освен повторно да се воведе полициски час и да се затворат општините во кои бројот на заразени со ковид-19 е голем, смета епидемиологот Александар Стојанов, коментирајќи ја бројката од 89 новозаразени и седуммина починати лица за само едно деноноќие. Тој вели дека државата презела сè што презедоа и останатите власти во развиените држави, но индивидуалната свест е на многу ниско ниво.

– Сè што направи цел свет, направивме и ние. Е сега, не можевме да ги запреме собирањата за празниците, дружбите, и тоа среде полициски час. Јас живеам во Центар, гледав полицајци како пијат кафе по кафулињата. Се укина полицискиот час, веднаш почнаа журките на Водно. Еве, што да направиме со Чаир? Ако го ставиме во карантин Чаир, како луѓето од Бутел ќе одат на работа во Центар? Не е тоа Дебар каде што има еден влез. Чаир е општина со над 60.000 население. Ако го затвориме цело Скопје, од Чаир случаите ќе се префрлат во Центар, Кисела Вода, Карпош. Сметам дека треба да се воведе повторно полициски час и да се најде начин да се изолираат општините со голем број заболени – смета д-р Стојанов.

Тој потенцира дека бурекџилниците, пицериите, пекарите работат до полноќ, а таму младите се собираат, па кога би било сè затворено по 21 часот, нема да има како да има вакви собири.

– Ниту верските лидери не ги интересира проблемот, а кога не се почитуваат мерките, како очекувате сето ова да се смири? Ние имаме доволно тестови, имаме место во болниците. Но, немаме дисциплина. Забележете сами колкумина носат маска во продавница – додава докторот.

Тој води заразени пациенти кои со решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) мора да седат дома.

– Сите позитивни случаи добиваат решение од ДЗСИ дека треба да седат дома, но никој не седи дома, бидејќи немаат тегоби. Што да очекуваме од луѓе кои не си го чуваат сопственото здравје и здравјето на најблиските? Во почетокот пациентите беа подисциплинирани во овој дел и седеа дома, но сега не е така. Дополнителен проблем е што не ги носат на време во болница. Цели 30 отсто од починатите, се во терминален стадиум кога доаѓаат во болница. Не ги носат затоа што си мислат дека ќе им помине. Тоа се луѓе кои имале симптоми, ама не ги пријавувале. Се случува да ни даваат погрешни адреси, па кога одиме на адреса, не наоѓаме таков пациент. Знаат дека ќе ги ставиме во изолација, па тие тоа го избегнуваат – вели д-р Стојанов.

Во однос на непочитувањето на решенијата за изолација, Ирина Бухова, директорката на ДЗСИ, вели дека има добра соработка со Министерството за внатрешни работи кои вршат контрола.

– Врз основа на епидемиолошката анкета која ја добиваме од соодветните центри за јавно здравје, изготвуваме решение на контакти или позитивни кои се на домашно лекување. На дневна основа истите информации ги препраќаме во МВР. Контрола во однос на почитување на решение е исклучиво во ингеренции на МВР. ДЗСИ нема право да му влезе на било кој дома и да го проверува дали е дома и да го легитимира. Тоа е воспоставена пракса – појаснува Бухова.

Според последниот извештај на МВР, во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата, на 186 лица им се издадени решенија за изолација, а 52 лица потпишале изјави за самоизолација.

„Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација, не се евидентирани лица кои не ја почитувале мерката за изолација и самоизолација. Исто така по однос на мерката за не носење лична заштита на лице регистрирани се 585 прекршоци“, стои во извештајот на министерството.