Синоќа, на фестивалот „Охридско лето“, на отворената сцена Долни Сарај, публиката ја проследи фестивалската премиера на Шекспировата трагедија „Антоние и Клеопатра“, со Битолскиот театар.
Режијата и адаптацијата на претставата ја направи гостинот од САД, режисерот Џон Блондел, звучно име на светската театарска сцена, докторант по театарска уметност на калифорнискиот универзитет во Санта Барабара.
Тој кажа дека е воодушевен од сцената Долни Сарај, од амбиентот и од визурите.
– Сепак, успешно се вклопи под отвореното охридско небо – рече Блондел.
Чувствата и впечатоците на публиката за претставата се поделени. Публиката беше поставена во четири реда. Малку од посетителите можеа да видат и да слушнат нешто од претставата. Од оваа причина помалку упорните демонстративно ја напуштаа претставата.
Вечерва, од 21 часот, во црквата „Света Софија“ концерт ќе одржи врвниот хрватски пијанист Иво Погорелиќ.