fbpx

Хан: Договорот од Пржино мора да се спроведе во целост и без одложување

-

„Дозволете да бидам кристално јасен: Европската унија (ЕУ) не посредуваше за краткорочен договор за стабилизација. Нашата цел е да ѝ помогнеме на земјата на нејзиниот евроатлантски пат и во зацврстувањето на демократијата, отворенотo општество и на владеењето преку избори и одржливи реформи“, пишува еврокомесарот Јоханес Хан во напис објавен на неговиот блог, посветен на Договорот од Пржино, во кој, меѓу другото, им порачува на лидерите на партиите потписнички на договорот дека „нема време за губење“ и дека „тој мора да биде спроведен во целост, со добра волја и без одложување“.

„Сериозните прашања во однос на владеењето на правото, кои излегоа на виделина преку скандалот со прислушување, но, исто така, и настаните во Куманово, покажаа дека земјата е на работ на бездна, како од политички, така и од економски аспект, што претставуваше ризик земјата да излезе од патот кон евроатлантските интеграции. Немаше време за губење. ЕУ не може да дозволи нестабилни зони на нејзините граници. Но, тоа што е најбитно е дека граѓаните на земјата заслужуваат нешто подобро“, пишува Хан.

Според Хан, фактот дека политичките партии успеале да постигнат договор во раните утрински часови на 15 јули, по 13 часа преговарање без прекин, е пред сè успех за земјата.

„Нејзините лидери конечно сфатија дека мора да направат компромиси, да ги стават интересите на земјата и на нејзините граѓани на прво место и да се договорат за излез од кризата преку предвремени, слободни и фер избори. Заедничките напори за посредување на Европскиот парламент, неговите земји-членки, САД и самиот јас беа во насока на премостување на јазот помеѓу нив. Но, прво и најважно е што овој договор е потпишан од лидерите на главните политички партии и тие сега мораат да го спроведат во целост, со добра волја и без одложување“, пишува еврокомесарот.

Договорот сам по себе не остава простор за сомнеж, ниту по неговата содржина, ниту во однос на времето, пишува Хан.

„Уште поважно, овие чекори одат рака под рака со многу прецизните препораки дадени од Европската комисија, кои се составен дел од политичкиот договор и кои лидерите се обврзаа да ги спроведат во целост. Тие, пред сè, се однесуваат на неопходните реформи во областа на владеењето на правото, правосудството и на јавната администрација, медиумскиот сектор, каде што последните случаи на напади врз новинари се причина за сериозна загриженост и за претпазливост. Ова прашање го истакнав еднаш на Советот за асоцијација оваа недела и нема да се двоумам истото да го сторам и повторно“, пишува еврокомесарот, повторно нагласувајќи дека работата на реформските приоритети мора да почне сега, а нивната имплементација ќе биде разгледана на состанокот на Пристапниот дијалог на високо ниво, што ќе се одржи во септември, со сите политички партии и со претставници на невладиниот сектор.

Според Хан, клучниот тест за европската перспектива на земјата ќе биде Извештајот на комисијата за напредокот на земјата, што ќе биде објавен кон средината на октомври.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...