fbpx

Данела Арсовска и Петре Шилегов одат во втор круг, градоначалник веќе добија Гази Баба, Сарај, Бутел, Аеродром и Кисела Вода

-

Иден скопски градоначалник ќе се бира во втор круг што ќе се одржи на 31 октомври. Според досега преброените гласови објавени на веб-страницата за локалните избори на Државната изборна комисија (ДИК), односно околу 80 отсто од нив, битката за Скопје ја водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Во трката за нов градоначалник на главниот град досегашниот Петре Шилегов, кој е кандидат на СДСМ за нов мандат добил 34,96 отсто од гласовите, односно 64.404 од преброените гласови, додека Данела Арсовска, која настапи како независен кандидат, но беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, добила 37,28 отсто, односно 68.669 гласа.

Во однос на членови на Советот на Град Скопје, слична е ситуацијата и во бројот на гласови за најголемите политички партии.

Од над 81,5 отсто преброени гласови, ВМРО-ДПМНЕ е пласирана прва со 62.983 гласа, односно 33,89 отсто, а СДСМ има 41.624 гласа, односно 22,4 отсто.

Следна по бројот на гласови е ДУИ со 24.513 гласови, односно 13,19 отсто, по што следи Левица со 8,37 отсто, односно 15.557 гласа.

Алијанса за Албанците/Алтернатива освоила 5,63 отсто од гласовите, односно 10.473 гласа.

Коалицијата ЛДП/ДОМ има 7.145 гласови, односно 3,84 отсто, по што е следува независната листа на Драгана Велковска, со 6.647 гласови, односно, 3,58 отсто од гласовите.

Последната советничка листа со над 1 отсто освоени гласови е таа на БЕСА, со 1,13 отсто или 2.101 глас.

Пребројаните гласови од ДИК покажуваат дека градоначалник уште во првиот изборен круг ќе имаат граѓаните од Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Сарај, а засега во втор круг би се одело во општините Ѓорче Петров, Чаир, Центар, Карпош и Шуто Оризари.

Во Бутел, врз основа на 99,9 отсто од преброените гласови, Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ освоил 52,79 отсто и го победи актуелниот градоначалник од СДСМ Велимир Смилевски, кој освои 40,01 отсто од гласовите.

Во општина Гази Баба ДИК преброила 98,87 отсто од гласовите, и таму Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ освоил 60,05 отсто од гласовите пред Борис Георгиевски од СДСМ, кој освоил (29,51 отсто).

Во Сарај се преброени 100 отсто од гласовите, при што кандидатот на ДУИ Блерим Беџети победи со 73,1 отсто од освоените гласови.

Во Кисела Вода врз основа на преброени 78,21 отсто од гласовите во водство е Орце Ѓорѓиевски, кој освоил 53,05 отсто од гласовите, наспроти 27,23 отсто на актуелниот градоначалник од СДСМ Филип Темелковски.

Во општина Аеродром се преброени 64,44 отсто од гласовите и во водство е Тимчо Муцински од ВМРО-ДПМНЕ со 56,73 отсто од гласовите, додека втор е кандидатот на СДСМ Александар Филиповски од СДСМ со 25,28 отсто од освоените гласови.

Голема е неизвесноста во општина Ѓорче Петров, каде ДИК досега пребројала 69,81 отсто од гласовите и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Стојкоски е во водство со 49,79 отсто од гласовите пред кандидатот на СДСМ Александар Наумоски, кој освоил 33,87 отсто. Тука ќе се чека пребројувањето на сите гласови за да се види дали опозицискиот кандидат има освоено мнозинство од вкупниот број на излезени гласачи, со што би победил во првиот круг.

Неизвесни се резултатите и во општина Карпош, каде води кандидатот на СДСМ Душко Весковски со 33,83 отсто од гласовите, но не е сигурно кој ќе оди во вториот круг. Оливер Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ во моментов има 24,17 отсто од гласовите, додека Стевчо Јакимовски од ГРОМ 24,14 отсто, односно разликата меѓу нив двајца е само 8 гласа на пребројани 79,04 отсто од гласовите.

Во општина Центар во водство со 40,81 отсто од освоените гласови е кандидатот на СДСМ, Горан Герасимовски пред кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Наташа Котлар-Трајкова, која освои 32,88 отсто од гласовите. Извесно е дека тие двајца ќе одат во втор круг, а ДИК во оваа општина пребројал 73,71 отсто од гласовите.

Во општина Шуто Оризари ќе се натпреваруваат во втор круг двајца кандидати од владејачката коалиција. На 100 отсто преброени гласови, Ферат Асан од СДСМ освоил 37,12 отсто од гласовите, додека кандидатот на ДОМ/ЛДП Курто Дудуш освоил 25,51 отсто од гласовите.

Во Чаир на пребројани 93,32 отсто од гласовите, води Висар Ганиу од ДУИ со 48,5 отсто од гласовите пред кандидатот на Алијансата на Албанците и Алтернатива Беким Сали, кој освои 37,38 отсто. Тие двајца ќе се натпреваруваат во вториот круг.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...