fbpx

Во Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Охрид, Гостивар, Струга, Кочани и Гевгелија ќе има втор круг на 31 октомври

-

Во најголем дел од поголемите општини во земјава ќе се одржи втор круг од локалните избори на 31 октомври. Државната изборна комисија (ДИК) веќе ги преброи гласовите и резултатите покажуваат дека во поголемите населени места има тесна разлика меѓу најголемите политички партии.

Врз основа на преброени 100 отсто од гласовите во Битола, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски освоил 42,83 отсто од гласовите, додека Христо Кондовски од СДСМ обезбедил 39,23 отсто во првиот круг. Во оваа општина над 7 отсто освои и Горан Милевски, актуелен министер за локална самоуправа во Владата на РСМ.

Во Куманово досега се преброени 99,88 отсто од избирачките ливчиња, при што досегашниот градоначалник Максим Димитриевски има освоено 32,82 отсто од гласовите, додека за кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски обезбедил 32,71 отсто од гласовите во првиот круг. ВМРО-ДПМНЕ во најголемата општина во земјава со кандидатот Тони Михајловски освоила 18,56 отсто од гласачите.

Битката во вториот круг во Тетово ќе се води помеѓу актуелната градоначалничка Теута Арифи, која освоила 29,04 отсто од гласовите, наспроти кандидатот на БЕСА Биљал Касами, кој ја добил довербата од 27,37 отсто од гласачите. Во Тетово од страна на ДИК се избројани сите гласачки ливчиња.

Врз основа на 100 отсто од преброените гласови во Охрид, Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ е во водство со 48,54 отсто од гласовите, наспроти актуелниот градоначалник од СДСМ Константин Георгиески кој освоил 42,05 отсто од гласовите. Ова значи дека и во Охрид ќе се избере градоначалник во вториот круг на 31 октомври.

Идентично на Охрид, и во Струга ќе има втор круг, каде ќе се натпреваруваат Рамис Мерко од ДУИ (прв круг 40,50 отсто) и Идрис Истрефи од Алијанса на Албанците и Алтернатива (прв круг 34,82 отсто). Во оваа општина големо влијание ќе има СДСМ, бидејќи нивниот кандидат Димче Шипинкаровски во првиот круг освои 16,09 од гласовите на стружани.

Втор круг е сигурно дека ќе има и во Гостивар, каде актуелниот градоначалник од Алијанса на Албанците и Алтернатива Арбен Таравари освоил 49,88 отсто од гласовите, додека Невзат Бејта од ДУИ ја добил довербата од 41,84 отсто од гласачите. Во Гостивар се преброени 100 отсто од гласачките ливчиња од страна на ДИК.

Втор круг на избори ќе има и во Кичево, каде врз основа на сите преброени гласови од ДИК води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јовановски (38,42 отсто) пред кандидатот на ДУИ Фатмир Дехари (37,3 отсто).

Меѓу поголемите градови, втор круг на 31 октомври ќе има и во Кочани, каде актуелниот градоначалник на СДСМ Николчо Илијев во првиот круг освои 48,16 отсто од гласовите.

И во најјужниот град во земјава Гевгелија, на 31 октомври изборната битка ќе ја водат Андон Сарамандов од ВМРО-ДПМНЕ (прв круг: 47,11 отсто од гласовите) со актуелниот градоначалник од СДСМ Сашо Поцков (прв круг: 34,69 отсто од гласовите).

Конечно, во Град Скопје врз основа на пребројани 78,43 од гласовите на ДИК, Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ е во водство со 37,2 отсто од гласовите, наспроти актуелниот градоначалник од СДСМ Петре Шилегов, кој освоил 35,06 отсто од граѓаните кои излегоа на гласање.

Врз основа на преброени 100 отсто од гласовите од страна на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ во поголемите градови успеал да победи во Неготино, Свети Николе, Кавадарци, Виница, како и во Штип, Велес и Прилеп, каде се пребројани речиси сите изборни ливчиња и нивните кандидати имаат освоено мнозинство гласови од излезените граѓани на избори.

Од друга страна, СДСМ врз основа на пребројаните на речиси сите изборни ливчиња од ДИК освоил градоначалници во првиот круг во Струмица, Берово, Крива Паланка, Крушево, Валандово и Дојран.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Доналд Туск: Во ризик сме од војна, Европа не е подготвена

Полскиот премиер Доналд Туск изјави оти смета дека постои огромен ризик од војна и оти никој во Европа нема да се чувствува безбедно доколку Русија победи во Украина, пренесува...