fbpx

Дали и како можеме да побараме од социјалните мрежи да избришат дел од нашите лични податоци?

Секоја објава, коментар и интеракција придонесува кон сложувалката на нашето онлајн присуство. За среќа, социјалните мрежи им овозможуваат на корисниците да управуваат со податоците што ги собрале за нив

-

Во време кога дигиталните отпечатоци можат да остават трајно влијание, луѓето се сè повеќе загрижени за податоците што ги споделуваат на и со социјалните мрежи. Иако овие платформи нудат невидена поврзаност и интеракција, тие истовремено чуваат мноштво лични податоци со кои корисниците можеби сакаат да управуваат или да ги избришат. Од Фејсбук, преку Инстаграм, Јутјуб, Твитер до ТикТок, се поставува прашањето: „Дали и како можеме да ја вратиме контролата над нашите онлајн лични податоци?“.

Дигиталниот простор е преполн со траги од нашите животи – секоја објава, коментар и интеракција придонесува кон сложувалката на нашето онлајн присуство. За среќа, платформите на социјалните медиуми обезбедуваат начини за управување, па дури и за бришење на личните податоци.

Без разлика дали станува збор за непријатна објава од минатото или, пак, за податоци споделени со апликации од трети страни, корисниците сега имаат моќ да ги надгледуваат своите дигитални идентитети.

Доколку сметате дека вашите лични податоци повеќе не се потребни за целта за која се собрани, се противите на начинот на нивна обработка, сметате дека обработката е незаконска или, пак, се противите на собирањето податоци за цели за директен маркетинг, сега имате можност да побарате бришење на дел од податоците што овие платформи ги собираат за вас.

Начинот на кој корисниците може да управуваат или да побараат бришење на своите податоци се слични на повеќето платформи, а како примери за тоа како корисникот може да пристапи до своите лични податоци, зедовме три од најпопуларните социјални мрежи во моментов – Фејсбук, Инстаграм и ТикТок.

Photo by Brett Jordan on Unsplash

Фејсбук

Корисниците може да побараат од Фејсбук да ги избрише личните податоци за нив, според Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) на Европската Унија. Во ваков случај, Фејсбук по барањето треба да постапи во рок од 30 дена.

Според Центарот за кориснички сметки на оваа платформа, постојат неколку начини на кои корисниците на Фејсбук може да избришат дел од своите податоци, преку користење на алатките за прегледување конкретни информации и нивно бришење. Постои можност и трајно да се избрише корисничката сметка на оваа платформа, со што сите информации ќе се избришат во еден чекор.

Корисниците можат да пристапат до своите податоци и активности преку овој линк. Тука, корисниците може да ги најдат сите лични податоци што ги имаат споделено со социјалната мрежа, вклучително и името и презимето, датумот на раѓање, професијата, образованието и местата каде што живеат или некогаш живееле, адресата, но и телефонскиот број и електронската адреса.

Фејсбук овде нуди преглед на податоците како хобија, музика и значајни животни настани и моменти, кои корисникот некогаш ги објавил на оваа платформа.

Тука може да се прегледа и историјата на пребарување, оставените коментари, допаѓања, членства во фејсбук-групи и слично.

Притоа, секој од овие податоци или интеракции корисникот може да го избрише поединечно.

Според алатката за трајно бришење на корисничката сметка, доколку корисникот одлучи целосно да ја избрише својата сметка, сите фотографии, објави, видеа и други содржини што корисникот ги додал, ќе бидат трајно отстранети.

Притоа, Фејсбук појаснува дека дел од информациите, какви што се пораките што корисникот ги испраќал до своите пријатели, можеби сè уште ќе бидат видливи за пријателите дури и откако корисникот ќе го отстрани својот профил.

Интернет-страницата „avg.com“ забележува дека избришаните кориснички сметки може да се повратат во рок од 30 дена, а доколку корисникот не ја активира својата сметка по истекот на 30-те дена по бришењето на профилот, сите податоци за корисникот ќе бидат избришани.

Корисниците на оваа социјална мрежа, исто така, може да побараат копија од сите податоци за нив со кои располага Фејсбук и, според добиените податоци, да побара бришење на одредени или на сите информации. По ова, Фејсбук ќе донесе одлука дали сите информации за кои е побарано бришење, може да бидат отстранети.

Photo by Solen Feyissa on Unsplash

Инстаграм

Начинот на пристап и на бришење на податоците на Инстаграм е речиси ист како и во случајот со Фејсбук. Овие две социјални мрежи се дел од технолошкиот гигант „Мета“.

Корисникот може да пристапи до своите податоци и, исто како и на Фејсбук, може да побара копија од податоците што социјалната мрежа ги чува за него.

Доколку се одлучи трајно да ја избрише својата корисничка сметка, а со тоа и податоците што платформата ги има за него, корисникот може да ја наведе причината зошто се одлучил на овој чекор – поради загриженост за личните податоци, поради рекламите, загриженост за приватноста или друга причина.

Сепак, и покрај бришењето на својата сметка, и Фејсбук и Инстаграм може да чуваат дел од податоците на корисникот за одреден временски период. Платформите ова го прават од различни причини, а меѓу нив, како што е наведено во појаснувањата – за да се спречи измама и злоупотреба, да ги подобри своите производи и услуги и да ги почитува своите законски обврски.

фото: Solen Feyissa на Unsplash

ТикТок

Политиката за приватност на ТикТок, исто така, предвидува начин на кој корисниците може да пристапат, избришат, ажурираат или да исправат дел од своите податоци.

Во делот за приватност на ТикТок пишува дека корисниците може да побараат информации за своите лични податоци, да пријават повреда на приватноста или да постават одредено прашање поврзано со личните податоци преку пополнување на овој онлајн формулар.

На страницата за приватност на оваа социјална мрежа е истакнато дека корисникот може да ја обжали секоја одлука што платформата ја донела во врска со барањето на корисникот.

И на оваа социјална мрежа корисниците може да побараат копија од податоците што ТикТок ги чува за нив, а тие податоци може да ги вклучуваат корисничкото име, видео-историјата, историјата на коментари и поставките за приватност.

Притоа, ТикТок наведува дека некои податоци нема да бидат достапни за преземање, какви што се податоците што влијаатврза приватноста на другите корисници.

Повеќето социјални мрежи задржуваат дел од податоците за корисниците дури и откако корисникот ќе ја избрише својата сметка од платформата, иако, во повеќето случаи, не е јасно колку долго се чуваат ваквите податоци.

Така, на пример, ТикТок пишува дека ги задржува информациите „онолку долго колку што е потребно за одржување на платформата и на другите цели наведени во Политиката за приватност“, но и за „усогласување со договорните и законски обврски“.

Што во случај на злоупотреба на нашите податоци?

Граѓаните може да побараат бришење на податоците и кога сметаат дека нивните податоци на одредена социјална мрежа се злоупотребени. Од Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) велат дека во согласност со политиките за приватност на социјалните мрежи, самите платформи ги охрабруваат корисниците да ги пријават злоупотребите на нивните лични податоци кај нив, користејќи ги нивните алатки за самопослужување. Социјалните мрежи и овие помошни алатки ги нудат во делот за корисничка поддршка.

Така, доколку некое лице креирало лажен профил со наши податоци на Фејсбук или на Инстаграм и лажно се претставува како нас, во согласност со политиките за приватност на овие платформи, потребно е да ги следиме чекорите за пријавување на лажниот профил.

„Откако ќе ја поднесете пријавата, администраторот на социјалната мрежа ќе ве контактира на имејл-адресата што сте ја навеле и ќе ве извести за преземените мерки/чекори. Ако не добиете одговор, можете да се обратите до Агенцијата за заштита на личните податоци на нашата имејл-адреса. Агенцијата ќе пријави до административниот тим на Фејсбук или на Инстаграм преку контактот што го имаме и истиот ќе биде отстранет откако тие ќе утврдат преку постапка дека тоа навистина се случило“, велат од АЗЛП.

Од Агенцијата додаваат дека постапуваат само по претставки што се однесуваат на физички лица, чии лични податоци се обработуваат спротивно на закон.

„Агенцијата на овој начин им помага на граѓаните за да се забрза постапката кога постои сериозна повреда на нивните права или за оние граѓани што не знаат како самите да го направат тоа“, велат од Агенцијата за заштита на лични податоци.

На својата официјална интернет-страница, АЗЛП има објавено насоки како граѓаните да пристапат до алатките за корисничка поддршка на социјалните мрежи и да ги отстранат лажните профили.

За дел од случаите во кои станува збор за спречување, откривање и гонење сторители на кривични дела извршени преку интернет, пак, пријавите се препраќаат во надлежност на Министерството за внатрешни работи (Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика) и до Јавното обвинителство за да може да се спроведе истрага и да се открие сторителот.

 

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...