Далекусежни мисли, но без датум

Годишниот говор на претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен за состојбите во Унијата

Фото: Влада на МК

Последниот (во овој мандат или воопшто) говор за состојбата во Унијата на претседателката Урсула вон дер Лајен беше очекуван со посебно внимание. Некои се обидуваа да одгатнат дали ќе се кандидира и за следниот мандат, но засега без успех. Првите оценки на аналитичарите се дека таа сепак играше „на сигурно“, што би можело да најавува нова кандидатура.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Во говор кој во голема мера беше свртен кон иднината, Фон дер Лајен постојано се навраќаше на „повикот од минатото“, но и потсетуваше дека Комисијата „остварува во сегашноста“. Можеше да се пофали со 90 % реализација на она што го ветила од Политичките насоки во 2019 година.

Посветеноста на „Европскиот зелен договор“ остана на преден план, со посебна нагласка  дека транзицијата кон технологија на „чиста енергија“ ќе биде „фер и праведна“. Најави и  нова стратегија за земјоделството, очигледно обидувајќи се да го амортизира растечкото незадоволството на фармерите кои се чувствуваат погодени од ваквата транзиција.

Заложбата за „праведност“ во глобалната економија беше главно насочена кон Кина, со оценка дека кинеската државна помош ја нарушува конкуренцијата на европскиот пазар, најавувајќи и конкретна постапка за субвенциите за увозните кинески електрични возила.

За економијата и пазарот на труд претседателката на Комисијата издвои три клучни предизвици: 1. недостигот на вештини на пазарот на работна сила; 2. инфлацијата; 3. олеснувањето на условите за водење бизнис, особено за малите и средните претпријатија. Многу експлицитно беше искажано дека за пресретнување на првиот предизвик е неопходна квалификувана миграција. Тоа значи дека Унијата ќе настојува да привлече што повеќе квалификувани работници од други земји. За предизвикот на инфлацијата, покрај другото, најави реплицирање на успешниот модел преку кој драстично се намалија цените на гасот и за критичните суровини, како и на водородот.

Следната голема тема беше вештачката интелигенција. Фон дер Лајен повика на што побрзо усвојување и имплементација на предложената регулатива за вештачката интелигенција, напоменувајќи дека тоа е прв потфат на регулирање на ово прашање во светот, со амбиција ЕУ да стане предводник за поставување на глобалн стандарди за ова прашање.

Во однос на глобалните прашања, Фон дер Лајен повика на иста решителност како во случајот со Украина, особено за актуелните кризите во Африка. Не споменувајќи го директно БРИКС, таа ги критикуваше „обидите за враќање кон блоковско размислување“, потенцирајќи ja стратегијата на ЕУ „Глобална порта“.

Пактот за миграција – уште едно значајно, но недовршено досие на оваа Комисија, Фон дер Лајен го оцени како „урамнотежено решение“, кое, инаку, беше силно критикувано од организациите кои работат со мигрантите.

Се заложи и за долгоочекуваниот прием на Бугарија и Романија во Шенген.

Приодот кон Украина оваа година беше повеќе од аспект на поддршката за реконструкција и перспективата за членство, за разлика од минатогодишниот акцент на солидарноста против агресијата.  Оваа година ѝ е дадена помош од 12 милијарди евра за невоена поддршка. Најавени се 50 милијадри евра за поддршка за реконструкција на Украина за следниве пет години. За претпристапната помош на другите кандидати не стана збор.

Со Украина започна и изјавата за проширувањето, на кое оваа година, за разлика од порано, му беше посветено многу повеќе внимание. Поаѓајќи од геополитичката потреба да се комплетира Унијата, претседателката на ЕК нагласи дека најпрвин мора да се постави „визијата за успешно проширување“, односно да се „размисли како Унијата да биде подготвена за проширување“. Во таа визија, не беше споменат конкретен датум, но затоа беа нагласени владеењето на правото и темелните права како клучен услов. Паралелно со тоа – и можноста државите кандидати да се дел од Извештајот за владеењето на правото на Унијата.

На дилемата „најпрвин проширување или најпрвин продлабочување“, Фон дер Лајен ѝ пристапи различно од Макроновото „најпрвин реформи, па проширување “, па се заложи за истовремено проширување и продлабочување, оставајќи ги сите опции отворени, вклучувајќи и со или без промена на основачките договори.

Комисијата допрва ќе подготвува “анализи на политиките пред проширувањето“ за да ги утврди можните последици од проширувањето за институциите и буџетот, имајќи го предвид и безбедносниот аспект. Најави размена на идеи за предлозите „меѓу лидерите“ во текот на белгиското претседателство – а тоа е во првата половина идната година, при чиј крај треба да се одржат и изборите во Унијата.

Накусо – да, проширувањето е актуелизирано, но сега се развиваат идеите како тоа може да се случи, а дискусијата меѓу државите членки ќе следи.